По објавата за кандидатура за Центар Ивановска доби покана за разговор од Обвинителство

Екс-директорката на ДКСК соопшти дека нема што да крие и дека не се плаши од никакви закани и ниски удари и притисоци. Обвинителството сооопшти дека приватната пријава е поднесена во февруари а дека поканата е пратена на 25 јули

405

Покана да дојде во Јавното обвинителство во врска со кривичната пријава против неа полицијата прексиноќа и ја врачила на екс-директорката на ДКСК Билјана Ивановска откако таа претходно објави дека се кандидира за градоначалник на општина Центар. За ова информира Ивановска во објавата на својот профил на Фејсбук наведувајќи дека полицајци и затропоале на врата само 11 часа откако ја најавила кандидатурата.

-Синоќа во 20:30ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација – објави Ивановска.

Од Јавното обвинителство, пак, соопштија дека се постапува по кривична пријава поднесена против Ивановска уште во февруари 2025 година и дека не е поврзана со најзините политички активности. Таа беше претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата од 2019-2024, каде дојде од местото самостојна ревизорка во Државниот завод за ревизија.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат од Обвинителството.

Оттаму информираат дека не можат да ги споделат со јавноста деталите од приватната кривична пријава, а поканата за распит е испратена многу пред најавата за градоначалничката кандидатура. Доставата е направена преку полиција за да стигне на време пред распитот и на точна адреса.

– Пријавено лице вообичаено последно се вика на распит. Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и и даде можност доколку сака и доколку исказот во јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите – информираат од Обвинителството. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ