Поранешниот директор на Управата за животна средина и добар познавач на оваа проблематика, Филип Иванов, вели дека најдобро решение е затворање на депонијата и нејзино изолирање од подземните води од реката Вардар, но и од атмосферските води. – Кога навлегува вода, депонијата почнува да работи. Таа мора да се изолира од реката Вардар, бидејќи е во хидролошка врска со неа. Кога има вода и кислород, депонијата повторно работи, се создаваат метан и џебови, па може да настане експлозија – објаснува Иванов. Тој вели дека треба да се постави и систем за собирање на исцедокот и негов третман и дека врз „телото“ на депонијата треба да се постави фотоволтаична централа и дел од приходите од таа централа да служат за негово одржување, но и за третман на отпадните води. Според него, грижата за депонијата треба да трае 30 години по нејзиното затворање. – Додека институциите си играат тапкање во место, Законот за управување со отпад од 2021 обврзува Вардариште да биде затворено најдоцна до 2025 година. Или ќе чекаме да влеземе во ЕУ вака накитени со отпад – заклучи Иванов

 

Познавачите и експертите за управување со отпад велат дека проблемот со поранешната депонија Вардариште е комплексен, но дека смее да чека.

Поранешниот директор на Управата за животна средина и добар познавач на оваа проблематика, Филип Иванов, вели дека најдобро решение е затворање на депонијата и нејзино изолирање од подземните води од реката Вардар, но и од атмосферските води.

– Кога навлегува вода, депонијата почнува да работи. Таа мора да се изолира од реката Вардар, бидејќи е во хидролошка врска со неа. Кога има вода и кислород, депонијата повторно работи, се создаваат метан и џебови, па може да настане експлозија – објаснува Иванов.

Освен изолирање, тој вели дека треба да се постави и систем за собирање на исцедокот и негов третман.

– Врз „телото“ на депонијата да се постави фотоволтаична централа и дел од приходите од таа централа да служат за негово одржување, но и за третман на отпадните води. Грижата за депонијата треба да трае 30 години по нејзиното затворање – дециден е Иванов.

Тој вели дека претставува проблем и тоа што 20 години се фрлал отпад на оваа депонија.

– Годишно се одлагале 600.000 кубни метри отпад, помножено по 20 години, тоа е премногу отпад – нагласи  Иванов.

За него, изјавите на кандидатите за градоначалници на Град Скопје во врска со решавањето на проблемот со Вардариште се дилетантски и смешни.

– Едни велат дека ќе правеле парк, а за да се прави парк, треба да се санира депонијата. Таа сега работи. Прекуноќ може да се создаде дупка. Прво, треба да се стабилизира депонијата, па да се прави парк, а тоа чини многу пари. Друг вели, ќе ставел когенеративна централа. Немаат врска што зборуваат. Ваков дилетантизам не сум видел. Тресат од ракав, зборуваат без никаков план и без буџет, тоа се само  желби – вели Иванов. 

Тој објасни дека во 2014 година, експерти од ГИ „Македонија“ и странски консултанти, по детални истражувања, пресметале дека со околу 7 милиони евра (по тогашните цени) може да му се стави крај на еден од најголемите еколошки кошмари на Скопје.

– Планот беше јасен. Да се израмни „телото“ на депонијата, да се прекрие со водонепропустлив слој, да се насади зеленило и локацијата постепено да стане парк за рекреација. Прилично оптимистички пристап со оглед на тоа што се работи за депонија во чие „тело“ сè уште се одвиваат процеси на биодеградација и се создаваат џебови со метан, но барем половина од тоа да се реализираше, сега немаше да го има ова писание – смета Иванов и додава дека единаесет години подоцна, Вардариште и понатаму е отворена рана.

Нагласува дека имало пари за сè и сешто, за сали, за игралишта, за плоштатчиња (а која е логиката да ги користиме ако е загаден воздухот?), но немало пари за реализација на ниту еден проект од физибилити студијата  или за една од опциите во неа, а ги има три.

– Во моментов, има само чад, има кабли и друг кабаст отпад што се пали, има нови отпадоци што се одлагаат, а има и континуирани беспредметни политички препукувања околу тоа кој е одговорен (а сите се/сме), кој треба да преземе мерки и кој треба да плати (граѓанинот се разбира, иако не е виновен за ништо од ова) – дециден е Иванов.

Констатира дека во меѓувреме, „телото“ на депонијата не може да ги чека институциите.

– Органскиот отпад се разложува, создава метан, се самозапалува, дури и бара итна, па барем и импровизирана дегасификација. Наместо стабилен терен (за што било да се прави, депонијата мора да се стабилизира), се појавуваат јами и депресии, каде што се собира дождовницата, се создава исцедок, кој ,заедно со исцедокот од депонијата, оди во подземните води и полн со амонијак соли, киселини, што ли уште не, продолжува да тече кон почвата и кон Вардар – објаснува Иванов.

А, како шлаг на тортата, тој вели дека наместо да мирува и да се стабилизира, локацијата се користи како дива депонија и отворено огниште за горење кабли, гуми и што ли уште не. Според него, како резултат на ваквите активности, денес составот на отпадот на Вардариште е уште поразновиден и поопасен отколку во 2014 година.

– Додека институциите си играат тапкање во место, Законот за управување со отпад од 2021 обврзува Вардариште да биде затворено најдоцна до 2025 година. Или ќе чекаме да влеземе во ЕУ вака накитени со отпад – заклучи Иванов.

Денешниот ден повторно беше пеколен за жителите од општините Гази Баба и Аеродром. Тие, по кој знае кој пат, се пожалија на ужасна смрдеа од некогашната депонија Вардариште. Таа и вчера гореше, а од Центарот за управување со кризи беше регистриран меѓу петте активни пожари. Иако граѓаните го пријавиле, пожарникарите им рекле дека не можат да го изгаснат.

– Како само ја залажаа јавноста со апсења и со притвор од два дена, како и во јули, како и лани (со години истата приказна), а ние, сегашни и идни пациенти, си остануваме затворени внатре во домовите, кои и онака не можеме да ги проветриме. Тие што ги плаќаат потпалувачите, немаат мака – е еден од коментарите на граѓаните.

Додаваат дека во Кочани се задушиле толку многу луѓе во една вечер и дека не можело да им се помогне. Велат, ним ни се изгорени белите дробови и се задушуваат секоја вечер, а може да им се помогне.

Тие се револтирани и бараат помош од адвокати да ги насочат да поднесат колективна тужба против државата, а за случајот да дознае да дознае и ЕУ.

– Да се соберат бројните диџеи, музичките работници од Лисиче, Аеродром и од Гази Баба да донесат озвучување и да се организира трибина. Веднаш да се побара помош од инженерите, од експертите за екокатастрофи. Барем некој да донираше гас-маски, сериозно ни требаат навечер – предлагаат граѓаните.

Тие додаваат дека не излегуваат на протест, туку на молење некој да им помогне.

– Ама, очигледно, само 500 луѓе во градов не се во партии и се засегнати за иднината на над 30.000 деца. Толку од градот на солидарноста ако само 500 од 800.000 луѓе (само аеродромци) стојат на патот на отровот – велат загрижените граѓани.

Тие упатуваат апел и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како жена и мајка, да ја испрати националната гарда да го обезбеди просторот и да ги заштити, бидејќи, како што нагласуваат, тоа е нивно законско право.

Граѓаните потенцираат дека треба да се радикализираат протестите, односно да се прават во работно време, кога раскрсницата меѓу булевар „АСНОМ“ и „Јане Сандански“, каде што се одржуваат, е една од клучните сообраќајни артерии на Скопје. Тие остануваат на ставот да продолжат со протестите додека не се изнајде решение.

Загадениот воздух предизвикува тешки облици на деменција

Ситните честички во загадениот воздух може да предизвикаат појава на тешки облици на деменција и да го забрзаат нивниот развој, преку предизвикување токсични протеински грутки, кои ги уништуваат нервните клетки додека се шират низ мозочното ткиво, се нотира во истражувањето на научници од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, Мериленд, САД, проучувајќи податоци од повеќе од 56,5 милиони пациенти во САД, меѓу 2000 и 2014 година. Написот, објавен во научното списание „Сајенс“, се темели на претходни истражувања, каде што биле пронајдени ПМ-2,5 честички и во мозокот на луѓе со Алцхајмерова болест, а нивното присуство е поврзано со падот на интелектуалните способности. Во таа смисла, се истакнува и деменцијата со т.н. Левиеви тела, вториот најчест вид деменција по Алцхајмеровата болест.

– Долготрајната изложеност на ПМ-2,5 честички, помали од 2,5 илјадити делови од милиметарот, кои може да навлезат длабоко во белите дробови, крвотокот, па дури и во мозокот, значително ја зголемува опасноста од оваа болест – тврдат истражувачите.

Кај луѓето што живеат во подрачја со повисоки концентрации на ПМ-2,5 честички, има значително поголема опасност од развој на деменција со Левиеви тела. Експериментите врз глувци ги потврдиле овие наоди: животните изложени на честичките доживеале губење на нервните клетки, намалување на мозочната маса и пад на умствените способности.

Научниците предупредуваат дека овие наоди имаат сериозни импликации врз глобалното јавно здравје. Бидејќи загадувањето на воздухот е фактор што може да се контролира, намалувањето на емисиите од сообраќајот и од индустријата, подоброто контролирање на шумските пожари и ограничувањето на употребата на дрво во домаќинствата би можеле значително да ги намалат невродегенеративните заболувања во целиот свет.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ