Горан Иванишевиќ се присети на најголемиот момент во својата кариера – историската титула на Вимблдон во 2001 година, кога како голем аутсајдер стигна до трофејот. Хрватот тогаш беше надвор од Топ 100, но успеа да го победи Патрик Рафтер во драматичното финале и да го освои единствениот Грен слем трофеј во кариерата. Сепак, Иванишевиќ откри дека патот до титулата бил многу потежок отколку што јавноста знаела.
Во тој период имал сериозни проблеми со рамото и трпел огромни болки.
- Умирав од болка, не можев да спијам, се будев навечер со вкочанета рака, раскажа Иванишевиќ.
Тој откри и дека земал многу поголема доза од лекот „Виокс“, кој подоцна беше повлечен од употреба поради ризиците поврзани со срцето.
- Препорачаната доза беше една до две таблети, а јас земав пет од нив, како бомбони Тик-Так, откри легендарниот тенисер.
Иванишевиќ призна дека во тој момент не размислувал за последиците, бидејќи бил убеден дека тоа му е последната шанса да го освои Вимблдон.
- Сам си одлучив дека е сега или никогаш и не размислував за последиците, вели Хрватот.
На крајот, ризикот се исплател – Иванишевиќ го победи Рафтер и испиша историја.
На прашањето кое му е најсилното сеќавање од тој турнир, тој не го издвои моментот кога го крена трофејот.
- Кога дојдов до ложата и го прегрнав татко ми. Тоа е мојот Вимблдон, откри Иванишевиќ.
Денес, како татко, тој вели дека многу подобро го разбира својот родител и притисокот низ кој поминувал.
- Тоа беше момент на олеснување. Никогаш нема да го заборавам, порача Иванишевиќ.











