– Од Струга ќе понесам едно прекрасно доживување, а мојата порака е дека сè уште вреди да го гледаме светот преку очите на поетот. Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи е искрено и доаѓа од душата. Денес бев почестен и со садењето на дрвото во Паркот на поезијата, каде ги видов бистите и на други светски реномирани поети, некои од нив ги познавам и лично, ми беа и пријатели и сфатив дека сум во едно незаменливо друштво на извонредни поетски имиња, рече словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата

– Навистина сум почестен што ме избравте за добитник на ова престижно признание во интернационални рамки. Вие сте држава што знае да ги почитува вистинските вредности. Задоволство ми што сум овде денес меѓу вас, рече словачкиот поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка, добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2025 година на денешната прес-конференција во Струга. Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое
стои табла испишана со неговото име.

Лауреатот на СВП истакна и дека е среќен сум што за кратко време заедно со фестивалот успеале да изработат извонредно издание од неговиот целокупен поетски опус, а се однесува на тријазична луксузна монографија во издание на „Струшките вечери на поезијата“.

– Јас лично го направив изборот на песни и сум благодарен за прекрасниот македонски превод, но и за англискиот преку кој љубителите на поетскиот збор од цел свет ќе се запознаат со моето творештво. Станува збор за обемен избор што го сметам како знак на почит кон мене, но и кон словачката современа поезија. Бидејќи доделувањето на наградата „Златен венец“ е и огромна афирмација на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет, додаде Штрпка.

Посочи и дека иако за словачкиот и за македонскиот јазик, кои потекнуваат од словенската група, се зборува дека се „мали“ јазици, ова е потврда дека не е важен бројот на говорители на еден јазик, туку фактот дека треба да се твори на овие јазици уште повеќе и тие дела да бидат видени, оценети и вреднувани од целиот свет, бидејќи треба да докажеме дека во ниедна смисла не сме мали, туку напротив.

– Словачката културна јавност, си земам право да зборувам во тоа име, е благодарна за ова што го правите во Струга. Од Струга ќе понесам едно прекрасно доживување, а мојата порака е дека сè уште вреди да го гледаме светот преку очите на поетот. Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи е искрено и доаѓа од душата. Денес бев почестен и со садењето на дрвото во Паркот на поезијата каде ги видов бистите и на други светски реномирани поети, некои од нив ги познавам и лично, ми беа и пријатели и сфатив дека сум во едно незаменливо друштво на извонредни поетски имиња. Се надевам дека од дрвцата во Паркот на поезијата ќе прерасне една шума и дека никој, никогаш нема да се дрзне, да се осмели да ја пресече, додаде лауреатот.

На прашање како се чувствува во Македонија, и за нападите врз македонскиот јазик, Иван Штрпка рече дека во Словачка тие многу добро знаат дека Охрид е лулката на словенството, и дека светите браќа Кирил и Методиј ја донеле словенската азбука во Велика Моравија.

– Ние сме благодарни што од вас и денес имаме подадена рака. Духот на словенството што потекнува од овие простори е овоплотен во словачката душа. И почестен сум што ме преведовте на македонски јазик, додаде лауреатот кој истакна дека убаво се чувствува бидејќи времето е прекрасно, Струга е убава, а тој на фестивалот бил и пред осум години.

Иван Штрпка наградата „Златен венец“ ја доби за неговиот богат, автентичен и значаен поетски корпус создаван во текот на шест децении, меѓу 1960 и 2025 година. Роден е во 1944 година, во Хлоховец, Република Словачка. Штрпка покажува интерес за големите теми на современата цивилизација поврзани со моралните, идентитетските и со естетските вредности, како и со ангажманот на писателот. Во текот на Кадифената револуција во 1989 година беше соосновач и активист на движењето „Јавноста против насилството“, како и главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Има издадено цела низа поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“. Меѓу неговите најнови книги се: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кај што е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Добитник е на повеќе книжевни награди и е преведуван на многу европски јазици. Живее во Словачка, во Братислава.

Шеесет и четвртото издание на Меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ кое започнува денес ќе трае до 25 август, со учество на 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и регионот. Фокусот на годинашното издание е глаголицата. Неизоставен дел од програмата се меѓународни поетски читања, како и портретите на добитниците на „Златен венец“, традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ за 2024 година и „Млада Струга“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ