Препораки и заклучоци за итно преземање превентивни мерки со цел зголемување на нивото на јавната безбедност биле донесени на четвртата седница на Локалниот совет за превенција во Општина Илинден.
При тоа, сите присутни се согласиле дека преку координиран пристап, континуирана соработка и постојано превентивно присуство на терен, може да се обезбедат побезбедни услови за живот за граѓаните на Општина Илинден.
Од Општина Илинден информираат дека на седницата, претставникот на Министерството за внатрешни работи, во својство на член на Советот, го презентирал извештајот со статистички показатели за безбедносната состојба во Општина Илинден за 2025 година.
– Дополнително, градоначалникот и претставниците на Општината ги изнесоа реализираните активности насочени кон подобрување на безбедноста во сите населени места – наведуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека основна цел на Локалниот совет за превенција е формулирање заеднички препораки за унапредување на јавната безбедност, како и градење доверба, партнерски односи и спречување појави што влијаат негативно на безбедноста во Општината.












