Неколку американски претставници денеска се спротивставија на американско-израелските напади врз Иран, барајќи итно гласање во Конгресот за да се запре она што го нарекоа нелегална војна започната без соодветно овластување.
Сенаторот Енди Ким од Њу Џерси изјави дека претседателот Доналд Трамп ги повторува грешките од војната во Ирак, јавува агенцијата Анадолија.
„Тој ги стави Американците во опасност без јасно да покаже дека постои непосредна закана за нашата национална безбедност“, рече Ким, предупредувајќи дека Трамп започнал циклус на насилство кој веќе ескалирал и може да излезе од контрола.
Тој го повика Сенатот веднаш да гласа за Резолуцијата за овластување за војна, предложена од сенаторот Тим Кејн.
Претставникот Ро Кана од Калифорнија отиде чекор понатаму, нарекувајќи ги нападите нелегална војна за промена на режимот во Иран со ризик од американски животи и побара Конгресот да се состане во понеделник за да гласа за Резолуцијата за овластување за војна, која ја предложи заедно со републиканскиот претставник Томас Маси.
„Секој член на Конгресот треба да го даде својот глас овој викенд“, рече тој.
Сенаторот од Аризона, Рубен Галего, се повика на лично искуство, велејќи дека изгубил пријатели во Ирак.
„Младите луѓе од работничката класа не треба да ја плаќаат крајната цена за промена на режимот и војна што не е ниту објаснета ниту оправдана за американскиот народ“, рече тој, додавајќи дека Соединетите Американски Држави можат да го поддржат иранскиот народ без да испраќаат американски војници да умираат.
Претставникот од Тексас, Грег Касар, ја повтори загриженоста, велејќи дека Трамп ги испраќа децата на другите луѓе да ги ризикуваат своите животи во бесмислена војна за промена на режимот и предупреди дека Соединетите Американски Држави би можеле да изгубат животи, да потрошат милијарди и да бидат вовлечени во децении нестабилност.
Повиците дојдоа откако претставникот Грегори Микс во четвртокот објави планови за наметнување гласање за двопартиска резолуција што би барало одобрение од Конгресот пред какви било воени напади врз Иран. Резолуцијата на Кана и Маси би барала од претседателот да побара такво одобрение пред да употреби сила против Иран.












