Итна седница на српската влада во Белград: Решение за НИС мора да биде донено за 7 дена, истакна Вучиќ

20

Решение за Нафтената индустрија на Србија (НИС), за која САД поставува услов за суспензија на санкциите да не биде во мнозинска руска сопственост, мора да биде донесено во следните седум дена, изјави денеска  српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој на отворената седница на Владата на Србија порача дека национализацијата ќе биде последната опција доколку не се најде друго решение.

Според Вучиќ, Русите разговараат за продажба на сопственоста во НИС со азиски и европски партнери, а Србија ќе се согласи на каков било договор.

„Санкциите против НИС се во сила веќе 37 дена, а никој во Србија не почувствува ништо, бидејќи се подготвивме добро. Имаме многу резерви на гориво и нема причина за паника, но не можеме да испразниме се“, рече Вучиќ.

„Моментално имаме 25.000 тони дизел во воени резерви. Ве молам бидете подготвени доколку биде потребно за цивилни потреби да се овозможи употреба на дизел, и војската да излезе во пресрет на народот“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Владата на Србија треба да подготви ребаланс на буџетот за оваа година доколку се потребни дополнителни пари за НИС и купување гориво.

Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, го информираше Вучиќ дека парламентот ќе усвои ребаланс по итна постапка доколку е потребно.

Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, објави дека Србија добила јасна порака од САД дека во следните три месеци руската сопственост на НИС мора трајно да се промени, додавајќи дека е подготвена да поднесе оставка бидејќи „немаме живот без рафинеријата“, а со неа се согласи и министерот за финансии Синиша Мали.

Едноставно немаме избор. Без разлика што некој мислел, зборувал за резервите… За нас, оваа ситуација со НИС загрозува се, ама баш се – нашиот раст, нашата стабилност, нашиот кредитен рејтинг“, рече Мали.

 

ИЗДВОЕНИ