Итна исплата на додатоци, нови вработувања и донесување на законот за судска служба, побараа синдикатите од судската администрација по средбата со претседателот на Судскиот совет. Беше посочено дека додатоците на плата не се исплатени од март оваа година, како и регрес за годишен одмор и пресметка на платите согласно коефициентите од Општиот колективен договор во јавниот сектор од 2023 година.
– Побарано е и пополнување на испразнетите работни места поради пензионирање или одлив на кадар, како и зголемување на средствата во буџетот за наредната година за најмалку осум проценти повеќе вработувања. Моментално има голем недостиг на персонал, а вработените се принудени да извршуваат задачи за двајца, тројца, па дури и четворица колеги. Додатоците на плата не се исплатени од март, што е неприфатливо – изјави по средбата Горан Ристески, претседателот на синдикатот.
Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација, Јасмина Величкова, побара итно донесување на законот за судска служба, кој е завршен уште во јуни, но сè уште не е изгласан. Таа истакна дека платите на судската служба треба да бидат врзани со платите на судиите, во сооднос од 60 до 80 проценти, за да растат пропорционално.
-Ако не се исплатат додатоците и не се обезбедат средства, ќе бидеме приморани да најавиме штрајк во сите судови. Чашата веќе се прелеа – предупреди Величкова, додавајќи дека на последната седница на Буџетскиот совет повторно не се обезбедени средства за додатоци за ноември.
Синдикатите најавија дека ќе продолжат со преговори со Владата и Министерството за финансии.












