Италијанските обвинители кои истражуваат наводни прелети на руски дронови над вселенскиот истражувачки центар на Европската Унија (ЕУ) заклучија дека сомневањата се неосновани и побараа да се прекине случајот, изјавија денес за „Ројтерс“ два извори запознаени со случајот.
Според нив, обвинителството во Милано открило дека 21 пријавен прелети помеѓу март и мај 2025 година всушност биле резултат на пречки предизвикани од приватен GSM засилувач на сигнал за мобилни телефони, сместен во близина на Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на ЕУ на брегот на езерото Маџоре.
По предупредувањата од самиот објект, обвинителите во март започнаа истрага за сомнение за воена или политичка шпионажа за терористички цели, со претпоставка дека станува збор за дрон произведен во Русија.
Сепак, истрагата покажа дека повторените лажни аларми биле предизвикани од преклопување на пречките помеѓу безбедносниот систем на центарот и повремената активност на GSM засилувачот во блиската куќа, велат изворите.
Судијата на судот во Милано сега мора да одлучи дали да го прифати барањето на обвинителот за прекин на постапката.
Сојузниците на НАТО често ја обвинуваат Русија за таканаречени хибридни напади врз Западот, вклучувајќи сајбер напади, саботажи и шпионажа, додека Москва ги отфрла обвинувањата и тврди дека Западот поттикнува антируски чувства.
Според официјалната веб-страница на JRC, истражувачкиот центар во Испра е трет по големина кампус на Европската комисија, по Брисел и Луксембург, и се занимава со теми кои се движат од нуклеарна безбедност и вселенски истражувања до одржливи ресурси, миграција и транспорт.
Летовите над центарот, кој е основан во 1960 година како објект за нуклеарни истражувања, се строго забранети.












