Италијанската влада денес објави дека има намера да го повика рускиот амбасадор на разговори, бидејќи сака да го изрази својот протест поради вклучувањето на претседателот Серџо Матарела на листата на западни лидери обвинети за антируски чувства, составена од Москва, пренесе „Хина“.
„Објавувањето на листата на таканаречени „русофоби“, луѓе кои наводно поттикнуваат омраза кон Русија, е уште една пропагандна операција“, рече премиерката Џорџа Мелони.
На 24 јули, руското Министерство за надворешни работи објави список на изјави, или, како што нагласи, „говор на омраза“ кон Русија што доаѓаат од членови на западните елити.
На списокот е вклучен и изјавата на Матарела што ја даде во февруари на Универзитетот Екс-Марсеј. Во својот говор, италијанскиот претседател направи паралела помеѓу руската инвазија на Украина во 2022 година и експанзионистичките војни на нацистичка Германија.
Руското Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за настанот. Италија традиционално одржуваше блиски политички и економски врски со Русија, но по руската инвазија на Украина, односите меѓу двете земји се влошија, а Рим цврсто стои зад Киев.
Како што рече премиерката Мелони, Москва го прекрши меѓународното право со инвазијата на Украина, а западните земји ја осудија Русија. Матарела е единствениот Италијанец на списокот, на кој се наоѓаат и германскиот канцелар Фридрих Мерц, високата претставничка на Европската унија за надворешни работи Каја Калас, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и францускиот претседател Емануел Макрон.