Италијанската кошаркарска легенда, Акиле Полонара, најпосле доби добри вести. На италијанскиот кошаркар му беше дијагностицирана леукемија во текот на летото, поради што мораше да ја прекине својата кариера, но сега доби добри вести, бидејќи е пронајден донатор на коскена срцевина што ќе му помогне да ја добие оваа битка. Тој ги објави потенцијалните датуми за трансплантација, кои треба да бидат објавени на 23 или на 24 септември.
Италијанецот првпат го победи ракот на тестисите во сезоната 2023/2024, но сега го очекува нова, тешка битка. Тој неодамна се врати од Валенсија и сега е во Болоња, каде што се подготвува за своите следни чекори.
- Кога ќе ви кажат за толку сериозна болест, вашиот свет се руши. Во тој момент, мислев само и исклучиво на моите деца и на сопругата. И да ги немав, ќе ми беше многу тешко, бидејќи сè ми беше црно. Тоа беа многу тешки денови, кога лежев во болничкиот кревет врескајќи од болка.
По туморот, поминав низ циклус на хемотерапија, а циклусите на хемотерапија и зрачење може да доведат до леукемија. Да не го поминев тој циклус, мојата стапка на рецидив ќе беше 50 проценти, но тоа ја намали на 3 проценти – истакна играчот од Анкона за „Ле Иен“.
Потоа зборуваше и за мрачните мисли што му поминувале низ глава.
- Дури и размислував да завршам со сè, да го отворам прозорецот и да скокнам. Потоа размислував да се борам за моето семејство, за моите деца, за мојата сопруга, која е секогаш покрај мене и ме поддржува – истакна Полонара.