Во Италија е откриен неверојатен случај на измама. Според „Кориере дела сера“ 58-годишен маж три години се преправал дека е неговата почината мајка за да може да ги користи нејзинитe приходи.
Според Франческо Апорти, градоначалник на Борго Вирџилио, во Ломбардија, истрагата ја иницирала службеничка во матичната служба кај која дошла жена што сакала да ја обнови истечената лична карта. Повеќе детали ѝ биле сомнителни, како на пример, тешката шминка и брадата што ѕиркала низ неа, па своите сомненија ги пријавила во полиција.
– Ги прегледаа снимките од надзорните камери и видоа дека жената доаѓа со автомобил, а знаевме дека нема возачка дозвола. Додадовме уште неколку проверки и дел по дел се состави многу грда слика. Ги проверивме сите достапни бази: здравствениот систем, итната помош, специјалистичките прегледи, матичниот лекар. Жената не се појавила никаде со години, рече градоначалникот Апорти.
Тој додаде и дека пронашле неколку нејзини потписи на урбанистички планови кои не се совпаѓале со оригиналот. Уште една збунувачка трага биле извештаите за приходи што редовно биле поднесувани со години, и тоа за мали суми од 53.000 евра.
– Имаше и купопродажни договори, но кај нотарот секогаш доаѓал синот со полномошно. Почнавме да разговараме и со соседите. Никој не ја видел со години, изјави градоначалникот за „Кориере дела сера“.
Полицијата конечно ја открила измамата кога „жената“ повторно дошла во градските канцеларии по телефонски повик на кој одговорил синот и рекол дека ќе организира превоз за мајката.
– Влезе во градските канцеларии со бавен чекор, облечен во костим со долга здолниште, кармин на усните, лак за нокти, накит околу вратот и рацете, старомодни обетки, кратка темнокафеава перика. Но, тој врат, кога ќе погледнете подетално, беше малку премногу дебел, а брчките беа исто така чудни, кожата на рацете не изгледаше како кожа на 85-годишната жена како што се претставуваше. А гласот – женски, да, но одвреме-навреме ќе „избегаше“ машки тон, вели Апорти.
Човекот ја признал измамата, а при претресот во неговиот дом било пронајдено мумифицираното тело на неговата мајка која починала во 2022 година. Градоначалникот додава дека станува збор за многу тажна приказна и „огромна осаменост“. Наводно, човекот немал никакви финансиски проблеми бидејќи семејството поседувало неколку имоти и парцели.












