Економската соработка помеѓу Македонија и Италија е на завидно ниво, но можностите сè уште не се целосно искористени. Затоа е потребно продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. Ова беше истакнато на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“ што се одржа во Скопје.

Форумот беше отворен од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и заменик-министерката за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија, Марија Триподи.

Муцунски нагласи дека економската дипломатија е стратешки приоритет на Владата, а Италија останува значаен партнер, посебно во областа на инвестициите.

– Акцентот на форумот го ставаме на јакнење на соработката во делот на енергетската транзиција, инфраструктурата, технолошките иновации и дигитализацијата, но и на користењето на финансиските инструменти за интернационализација. Верувам дека во блиска иднина ќе ги видиме првите практични резултати на овој план – истакна Муцунски.

Според него, обемот на трговска размена со Италија минатата година изнесуваше околу 685 милиони евра и очекува ваквиот тренд да продолжи, со тенденција на натамошно зголемување. Триподи изрази поддршка за македонските евроинтеграции и констатираше дека недоволно се искористени потенцијалите за соработка во циркуларната економија, енергетската транзиција, инфраструктурата, поврзувањето и технолошките иновации.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 МЊ инсталирани капацитети.

– Тоа не е случајност – туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор. Заклучно со 2024 година, во земјава функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 МW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата. Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте – нагласи Божиновска.

Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 МW, нов ветерен парк во Миравци од 100 МW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 МW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 МW.

– Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет – рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.

ИЗДВОЕНИ