недела, февруари 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ И ПРИСТАПУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ ПОКАЖАА ИНТЕРЕСЕН...

ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ И ПРИСТАПУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ ПОКАЖАА ИНТЕРЕСЕН ТРЕНД: Се развива ли нов идентитет: Македонци – Европејци, Албанци – Европејци?…

87

Во 2025 година се забележа значителна промена во перцепцијата на граѓаните за својот идентитет. Бројот на испитаници што развиваат двоен, етнички и европски идентитет се зголемил на речиси една третина од населението, наведува професорот Дамјановски во својата анализа

 

Етнички Македонец – Европеец, етнички Албанец – Европеец, Европеец и етнички Македонец, Европеец и етнички Албанец, Европеец… се појавуваат ли на етничката карта на Македонија граѓани со нов етнички идентитет? И не само тоа туку и дали има ваквото идентитетско определување нагорен тренд со што сè повеќе граѓани ќе се чувствуваат како Европејци? Ваквите дилеми се појавуваат по неодамнешното претставување на истражувањето „Јавното мислење и пристапувањето на Македонија кон Европската Унија“, зад кое стојат Институтот за демократија „Societas Civilis“ и германската фондација „Конрад Аденауер“ и во кое, во минатата година, беше забележано значително зголемување на поддршката меѓу македонското население за членство во ЕУ. Како што беше соопштено, најновите анализи покажуваат дека 71 процент од населението во Македонија го поддржува членството во ЕУ, што е за речиси 10 отсто повеќе во споредба со претходната година. Евроскептицизам, пак, владее кај 14 проценти од испитаниците.

Но, она што е посебен тренд, а што е особено потенцирано во анализата на сите вакви истражувања направени од 2014, па до 2025 година, од страна на професорот на скопскиот Правен факултет, Иван Дамјановски, е забележливиот пораст на нова национална определба меѓу 1.003. испитаници што учествувале во ланското истражување.

– Во 2025 година се забележува значителна промена во перцепцијата на граѓаните за својот идентитет. Додека во претходниот тригодишен период повеќе од 70 отсто од населението изјавиле за припадност кон исклучиво (етнички) идентитет, овој став значително се намалил на 58 проценти во 2025 година. Наспроти тоа, бројот на испитаници што развиваат двоен, етнички и европски идентитет се зголемил на речиси една третина од населението – наведува професорот Дамјановски во својата анализа.

Поедноставно кажано, во споредба со минатите години, лани само 58 проценти од испитаниците се изјасниле само како Македонци, како Албанци или некоја друга етничка заедница. Во 2024 година, тој процент бил многу поголем и изнесувал 73 отсто, а во годината пред таа – 71 отсто. Наспроти ова, за речиси цели 10 проценти пораснало изјаснувањето на тие граѓани како етнички Македонец – Европеец, етнички Албанец – Европеец и други… Така, како такви вкупно се изјасниле речиси една третина од испитаниците – 30 отсто од нив. Лани тој процент изнесувал 21 отсто, преклани 20, во 2022 година само 13 проценти… што значи дека постои нагорен тренд.

Паралелно со ова, се зголемил и бројот на граѓани што го истакнуваат својот европски идентитет над својот етнички/национален идентитет. Така, како Европеец и етнички Македонец, како Европеец и етнички Албанец и друго се изјасниле 7 проценти од испитаниците. Претходната година тој процент изнесувал само 4 проценти, пред две години три проценти… Дел од граѓаните, пак, се изјасниле само како Европејци – 2 отсто од нив. Со тоа, цели 39 проценти од испитаниците го надополниле својот основен етнички идентитет со европска одредница.

– Податоците од анкетата за 2025 година се во тесна согласност со пошироките долгорочни трендови, потврдувајќи го ставот дека нема силна врска помеѓу исклучивиот етнонационален идентитет и евроскептицизмот во нашата земја. Резултатите за 2025 година во однос на општата поддршка за членство во ЕУ укажуваат на значајна промена во јавното мислење – се наведува во анализата.

Од друга страна, на последниот попис на населението во Македонија, направен во 2021 година, не е забележано изјаснување на граѓаните како Македонец – Европеец, Албанец – Европеец, Европеец – Македонец, Европеец – Албанец. Тогаш, во категоријата „други“ се изјаснил само 1 процент од населението. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ