Глобалното затоплување предизвикано од човекот е одговорно за два од три смртни случаи поврзани со екстремно високите температури во Европа ова лето, покажува анализата на истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон.
Се проценува дека 24.400 луѓе починале од причини поврзани со топлината помеѓу јуни и август, при што 16.500 од тие смртни случаи се припишуваат на дополнителната топлина предизвикана од емисиите на стакленички гасови, според брзата анализа која сè уште не е доставена за преглед, објавува „Гардијан“.
Според студијата на епидемиолози и климатолози во 854 големи градови, просечните температури во градовите се за 2,2 степени повисоки поради климатските промени, што значително го зголеми бројот на смртни случаи од екстремна топлина.
Коавторката на извештајот и климатолог Фредерике Ото изјави дека причинско-последичната врска помеѓу согорувањето на фосилни горива и зголемувањето на температурите и зголемената смртност е неоспорна.
„Доколку не продолживме да согоруваме фосилни горива во текот на изминатите децении, повеќето од проценетите 24.400 луѓе во Европа немаше да умрат ова лето“, рече Ото.
Истражувачите откриле дека дополнителната топлина е одговорна за околу 68 проценти од проценетите смртни случаи поврзани со топлината, а дека постарите лица се најтешко погодени од екстремните температури – 85 проценти од оние што починале биле над 65 години, а 41 процент над 85 години.
Епидемиологот Гарифалос Константинудис, исто така еден од авторите на студијата, рече дека ризикот по јавното здравје од топлотните бранови сè уште е потценет, и покрај опасностите.
„Никој не би очекувал некој да го ризикува својот живот работејќи во обилни дождови или ветрови со сила на ураган. Но, опасните топлотни бранови сè уште се третираат премногу лежерно“, рече тој.
Европските градови се подобро подготвени да се справат со екстремна топлина отколку во 2003 година, кога 70.000 луѓе загинаа во екстремен топлотен бран, но службите за итни случаи сè уште се борат со зголемувањето на температурите и стареењето на населението.