Емисиите на јаглерод диоксид од најголемите светски компании за фосилни горива за прв пат се директно поврзани со десетици смртоносни топлотни бранови, покажува нова студија. Научниците ја нарекуваат студијата „голем пробив“ во правната битка за повикување на нафтените гиганти на одговорност за штетата предизвикана од климатската криза.
Анализата покажа дека емисиите од само една од 14-те најголеми компании биле доволни за да предизвикаат повеќе од 50 топлотни бранови кои речиси сигурно не би се случиле во спротивно. Со други зборови, тие емисии предизвикале појава на топлотни бранови.
На пример, емисиите од фосилни горива на ExxonMobil направија 51 топлотен бран 10.000 пати поверојатни отколку во свет без глобално затоплување. Истото важи и за Saudi Aramco.
Глобалното затоплување ги прави топлотните бранови почести и поинтензивни низ целиот свет, придонесувајќи за најмалку половина милион смртни случаи секоја година. Топлотниот бран од 2021 година во северозападниот дел на САД се проценува дека бил речиси три степени потопол поради климатските промени.
Нова студија открива дека емисиите од 180-те најголеми компании за фосилни горива сочинуваат околу половина од зголемувањето на интензитетот на топлотните бранови, а остатокот доаѓа главно од уништувањето на шумите. Помеѓу 2010 и 2019 година, топлотните бранови станаа просечно 200 пати поверојатни отколку порано.
„Можноста да се утврди прецизниот придонес на поединечните загадувачи може да биде клучна за утврдување на правната одговорност“, рече професорката Соња Сеневиратне од ETH Zurich, една од авторите на извештајот.
Давид Фаранда од Националниот центар за научни истражувања на Франција рече дека студијата „за прв пат поврзува специфични климатски катастрофи со компаниите чии емисии им го овозможиле тоа“ и дека може да стане „основа за правна и политичка акција против загадувачите“.
„Сега можеме да покажеме со прст и да кажеме дека Сауди Арамко го направи ова. ЕксонМобил го направи ова. Нивните емисии предизвикуваат топлотни бранови што инаку не би се случиле, а тоа значи смртни случаи, уништени посеви и страдање на заедниците поради одлуки донесени во корпоративните сали“, велат активистите од кампањата „Натерајте ги загадувачите да платат“.
Во јули, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека земјите што не успеваат да спречат климатска штета можат да бидат обврзани да платат отштета, додека Врховниот суд на Германија постави преседан во мај кога донесе одлука дека компаниите за фосилни горива исто така можат да бидат тужени.
„Еве ги доказите што судовите ги чекаа. Сметката доаѓа, време е загадувачите да платат, рече активистката Кеси ДиПаола.
Студијата, објавена во списанието Nature, користела анализа на атрибуција, споредувајќи го денешниот потопол свет со оној пред масовната употреба на фосилни горива. Научниците прво пресметале колку емисиите на секоја компанија ги зголемиле температурите, а потоа колку тоа ја зголемило веројатноста за топлотни бранови.