Истрагата за трагедијата во Пулс се затвора со распрашани 400 сведоци и околу 250 повредени

414

Два ипол месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ каде загина 62 млади луѓе, истрагата која ја води јавното обвинителство во Кочани, заврши. Почна да тече рокот од две недели во кој 46-те осомничени, меѓу кои поранешни министри за економија, градоначалници, инспектори, службеници и сопственици на фирми ќе можат да доставуваат докази со кои ќе се спротивстават на оние на обвинителството. За сега сите се теретат за сторено кривично дело. „Тешки дела против општата сигурност. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за ТВ24, рече дека ќе се одлучува за секој од осомничените за кое кривично дело ќе одговара и предметот ќе се подели. Тоа би значело дека сите обвинети нема заедно да седнат на обвинителна клупа, ќе има и друга постапка  со цел предметот да не се одолговлекува. Обвинителството тврди дека се обезбедени непобијни докази кои ќе ги поткрепат наводите за кривичните дела за кои се товарат. „Умислата кај повеќе лица е евентуална, не е дирекна, со повторување на нивните дејства, постапување или непостапување, направиле ситуација да со години инспекциите не влегле во контрола кај сопственикот на дискотеката“ изјави Коцевски и додава дека за потписите на министерите за економија има графолошко вештачење, а истрагата се водела и од сведочењето на сопственикот на дискотеката кој ги посочил начините и врските со кои нелегално работел.

„Сите вештачења се направија во Македонија, затоа беше постапката брза, имаме градежно вештачење од 2012 до денес, кој се градежни работи биле изведени врз објектот, потоа имаме хемиско вештачење во однос на составот на материјалите од кои била направена дискотеката, нивната согорливост какви гасови и штетни материи се испуштале,потоа  графолошко вештачење во однос на потписите на осомничените со кои се издавала лиценцата. Форензичко вештачење во однос на трагите на лице место и обдукцијата која е важен доказ. Се работи за задушување со труење со јаглероден моноксид“ објасни обвинителот.

Истрагата се затвора со распрашани 400 сведоци и оштетени и околу 250 повредени. За пејачот на групата ДНК Панчо ќе има и прекин на постапката бидејќи тој е во тешка здравствена состојба од пожарот. Коцевски потврди дека пиротехниката вчерта за време на настапот ја донела групата ДНК, а обвинителството поседува и примерок од истата како доказ, како и изјави на сопственици на други локали каде настапувал бендот, па познато е кој ја донел кој ја активирал и дали била легална пиротехниката која беше дирекна причина за пожарот. Се испитуваат и наводите на мајките на загинатите деца дека во болницата во Кочани не им била пружана медицинска помош и починале од негрижа. Коцевски вели кај најголем дел од починатите причина за смртта е задушување, кај малкумина од газање во стампедото кое се створило кога се барал единствениот излез во дискотеката. „Дали причината за смрт е директно задушување или несоодветна грижа од болницата, ќе се произнесат вештаците. Им ветивме на семејствата дека ќе го испитаме тоа, рече обвинителот. На прашањата за полициското постапување пред и по големата несреќа, односно дали ја заклучиле вратата и дали (не)пружиле помош на жртвите, Коцевски рече дека начинот под кои полицајците дејствувале кобната вечер сеуште може да биде предмет на истрага.

„Доказите прибрани во оваа истражна постапка, а кои се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Таму, Специјализираното одделение веќе води истрага против 14 полициски службеници, а овој дел од истрагата ќе продолжи со цел целосно расветлување на сите факти и околности. Обвинителството најавува дека доколку од анализата на овие или други докази произлезат елементи на кривично дело и кај други лица, кои досега не се опфатени, ќе постапи согласно своите надлежности“ велат од ОЈО.

Пожарот се случи на 16 март по полноќ, за време на концерт на групата „ДНК“, кога беа употребени пиротехнички средства. Искрите го запалија плафонот на дискотеката, која одвнатре била обложена со лесно запалив материјал, по што објектот брзо изгоре. Во пожарот загинаа 62 лица, од кои 6 деца, а беа повредени околу 200 лица, од кои 25 деца, главно со тешки изгореници и повреди од вдишување чад. Според надлежните, дискотеката работела две години без лиценца, а на тоа замижувале во Пазарната инспекција, кочанската и штипската полиција, како и од локалната самоуправа. Објектот, и кога поседувал лиценци ги добивал по нелегален и коруптивен пат. (П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ