Неколку дена од објавата на обвиниението за смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“, истрагата го опфати вистинскиот сопственик на агенцијата за обезбедување. Од ОЈО велат дека сега, три и пол месеци од несреќата во која загинаа 62 луѓе, се обезбедиле докази. „Тој раководел со деловниот потфат и со целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани“, соопштија од обвинителството.
Обезбедувањето, освен што било ангажирано без договор во дискотеката, немало никаков план за одржување на концертот на 16 март, а токму за тоа одговорен бил сопственикот на „Рубикон“, Александар Нацев, универзитетски професор и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Обезбедувањeто дозволило пиротехника во дискотеката внесена од бендот, а не водело сметка ниту за преполнетоста и присуството на деца за време на концертот.
– Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица – соопштија од кочанското обвинителство.
Во возилото на уапсениот биле пронајдени документи поврзани со работењето на агенцијата. Обвинителството бара од судот да му одреди мерка затворски притвор од страв да не уништува докази или да не влијае врз сведоци во истрагата.
Инаку, Нацев уште на 16 март на социјалните мрежи објави дека нема никаква негова поврзаност со трагедијата. „Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, напиша тој на „Фејсбук“.
Со досегашната истрага беа опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од Кривичниот законик. Продолжува истрагата против 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази. Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Истрагата ја водат 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Обвинителот Љупчо Коцевски најави дека предметот ќе биде поделен во неколку судски процеси заради поголема ефикасност. (П.А.)