Истрагата за пожарот во Кочани, заврши

233

Основното јавно обвинителство Кочани денеска ја заврши истражната постапка во врска со пожарот во клубот „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за  Тешки дела против општата сигурност  од Кривичниот законик.

Во следниот период течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во истражната постапка постапуваа вкупно 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово кои презедоа голем број дејствија со кои обезбедија докази со цел утврдување на фактичката состојба, велат од ОЈО

„ Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица. Изготвени се градежно и хемиско вештачење, со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење. Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените„ соопштува Државниот обвинител

Доказите кои се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници. Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности, меѓу кои и кој ги испратил вечерта во контрола на 15 минути пред пожарот и дали била заклучена вратата заради спроведување на полициската рација.

Доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности, најавија од ОЈО.

ИЗДВОЕНИ