Поранешниот британски премиер Борис Џонсон имал лош одговор на пандемијата на Ковид-19, а доцнењето со воведување карантин резултирало со околу 23.000 дополнителни смртни случаи, заклучи извештај од јавната истрага објавен во четвртокот, пишува „Ројтерс“.
Британија забележа повеќе од 230.000 смртни случаи од Ковид – стапка слична на онаа во САД и на Италија, но повисока отколку во остатокот од Западна Европа – и сè уште се опоравува од економските последици.
Истрагата, која Џонсон ја нареди во мај 2021 година, достави остар, критички извештај за одговорот на неговата влада на пандемијата, критикувајќи го неговото неодлучно лидерство, осудувајќи ја канцеларијата на Даунинг стрит за кршење на сопствените правила и упатувајќи сериозни замерки кон неговиот главен советник Доминик Камингс.
„Токсична и хаотична култура на британската влада“
Во центарот на британската влада постоеше токсична и хаотична култура за време на пандемијата, изјави претседателката на истрагата, поранешната судијка Хедер Халет.
Халет рече дека ако порано биле преземени мерки за спречување на ширењето на вирусот, можело воопшто да не дојде до карантин. Но, пропуштените можности довеле до тоа мерките да станат неизбежни.
Таа истакна дека Џонсон не ја сфатил сериозноста на вирусот на почетокот на 2020 година, мислејќи дека ќе „испари“ и дека бил одвлечен од други владини прашања – особено кога Британија беше заглавена во преговори за напуштање на Европската Унија.
Таа додаде дека тој „ја зацврстил културата во која најгласните доминираа, а ставовите на други колеги, особено жените, честопати беа игнорирани, на штета на квалитетното донесување одлуки“.
Кога сведочеше пред комитетот во 2023 година, Џонсон призна дека неговата влада била премногу самоуверена и дека „драстично ги потценила“ ризиците. Тој се извини и рече дека го разбира гневот на јавноста.
Џонсон не даде непосреден коментар по објавувањето на извештајот.
Група семејства кои изгубиле блиски рече дека „е разорно да се помисли на животите што можеле да бидат спасени со друг премиер“.
“Предоцна му текна на Џонсон“
Халет истакна дека кога Џонсон го најавил првиот карантин на 23 март 2020 година, тоа било „премалку, предоцна“ – критика која ја упатила и кон британската влада и кон властите во Шкотска, Велс и Северна Ирска.
Ако Британија се затворела само една недела порано, на 16 март – како што укажувале доказите – бројот на смртни случаи до јули би се намалил за околу 23.000, или 48%, покажува извештајот.
Доцнењето на реакцијата повторно подоцна во годината довело до нови национални карантини, додава извештајот.
Халет рече дека истрагата признава оти Џонсон морал да носи тешки одлуки, но дека, сепак, честопати го менувал мислењето и не носел навремени одлуки.
Џонсон беше принуден да поднесе оставка во јули 2022 година, при што откритијата за забави на Даунинг стрит за време на карантините беа меѓу скандалите кои го урнаа неговиот мандат.












