Шест лица се под истрага за организирана продажба и за транспорт на дрога, а јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка. Станува збор за сомневања за кривично дело неовластено изработување и пуштање во промет наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори.
Истрагата се темели на докази обезбедени од Министерството за внатрешни работи, но и на документација добиена преку меѓународна правна помош од Обвинителството за организиран криминал во Србија, што укажува на поширока, прекугранична мрежа.
Според Обвинителството, осомничените во текот на 2025 година се здружиле со цел неовластена продажба на кокаин и марихуана. Секој член на групата имал конкретна задача – од набавка и пакување, до транспорт и претовар на дрогата.
Клучна улога имал првоосомничениот, сопственик на скопска фирма. Во декември 2025 година, тој им дал насоки на своите вработени да спакуваат 8.832 килограми сув цвет од канабис, претходно набавен од фирма од Струмица. Во рок од две недели биле подготвени повеќе од 200 кутии. По завршената работа, вработените биле испратени на колективен одмор.
На 13 јануари годинава, според истрагата, започнала координирана акција за транспорт. Со товарни и патнички возила, кутиите биле пренесени од објект во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Таму следувал претовар, а потоа колоната се упатила кон граничниот премин Табановце и ја напуштила државата.
Следниот ден, во раните утрински часови, товарното возило се исклучило од автопат во Србија и се упатило кон село во близина на Крушевац. Таму, во објект на фирма, било извршено истоварање на кутиите со марихуана. Српското Обвинителство веќе води посебна истражна постапка за лица поврзани со случајот. Обвинителството оцени дека постои ризик осомничените да избегаат или да влијаат врз истрагата, па затоа, до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување 30-дневен притвор за двајца од осомничените, на кои претходно им бил одреден краткотраен притвор. Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат дека не се исклучува проширување на постапката и кон други, засега неидентификувани лица.
Шверцот на марихуаната од Македонија во Србија и натаму ја тресе политичката сцена
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во телевизиско интервју, прв откри дека истрагата е проширена и дека е поднесена кривична за 10 лица.
– Во оваа фаза од истрагата е поднесена кривична пријава за 10 лица за кои имаме основано сомнение дека се директно или индиректно поврзани со нелегално производство и пуштање во промет на произведената дрога, посочи министерот Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека дрогата запленета во Србија влегла од Македонија. И двајцата најавија дека се истражува како толкаво количество наркотична дрога влегла на територијата на Србија, имајќи го предвид начинот на функционирање на заедничките гранични контроли.
„Согласно со Договорот што го имаме, системот ’One stop’ е така имплементиран што секоја гранична полиција на МВР, во рамки на граничната контрола, го штити влезот во Македонија, односно излезот на Србија и влезот во Македонија. На овој граничен премин се македонски полициски службеници и тука го контролираат влезот во Македонија. На влезот во Србија го контролираат српските полициски службеници. Значи, не е прашањето како излегло од Македонија, туку како влегло во Србија. Тоа е во делот на Министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе видиме, ќе покаже истрагата“, изјави Тошковски.
Меѓупартиските препукувања за марихуаната, која наместо за лек се шверцувала на наркопазарот, пламнаа откако Мицкоски рече дека истрагата за случајот ќе доведе до многу важни имиња кои се дел од опозицискиот СДСМ или се поврзани со него, дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, но и поврзани со други експолитичари.
„Само да не испадне дека тоа е политички реваншизам или хајка бидејќи сè ќе биде поткрепено со докази“, изјави тој. Од СДСМ возвратија дека 5 тони марихуана на Србија водат до владејачката партија.
„Без поддршка, знаење и логистика на највисоките структури во власта, не можат да поминат 5 тони дрога со толку многу камиони преку македонската граница. Камионите не можеле да стигнат до српската страна, ниту до контрола на границата ако претходно македонските институции и македонската царина не ги нема проверено, пломбирано и пропуштено“, велат од опозицијата. (П. А.)
Контрола во десетина компании за производство на канабис
Паралелно, надлежната комисија од Министерството за здравство, со полициска асистенција, прави контроли во сите лиценцирани фирми.
„Досега имаме извршени контроли во десетина правни лица. Кај три е констатирано професионално работење во согласност со законот. Неколку од правните лица немале никакво количество произведена дрога во моментот на контролата, а кај дел од правните лица се констатирани незаконитости во овој дел. Тие 40 тони дрога се одземени од правни лица каде што се констатирани незаконитости во овој дел“, изјави Тошковски и најави дека во иднина ќе продолжат со контроли на сите правни лица што во минатото добиле лиценци за производство на марихуана за медицински цели.












