„Среќен, задоволен и горд сум што мојата иницијатива за една многу човечка, нормална, природна комуникација со оркестар од нашето соседство беше толку срдечно прифатена со истата визионерска мисија од страна на директорот на Државниот оркестар од Солун, Симос Папанас, и неговиот тим што нè доведе до историска посета – Државниот оркестар од Солун да настапи овде“, рече нашиот виртуоз на пијано Симон Трпчески на концертот што се одржа во Скопје

Првпат во неговото 66 годишно постоење Државниот симфониски оркестар од Солун синоќа настапи во Скопје, а концертот се одржа во салата на Македонската филхармонија.

Во два часа, музичарите од Солунскиот симфониски оркестар се претставија пред македонската публика со дела од познатиот француски композитор Морис Равел (1875-1937) и неговиот грчки студент Емилиос Риадис (1880-1935). На концертот светска премиера доживеа симфониската свита од операта „Галатеиа“ од Риадис.

Концертот на симфонискиот оркестар од Солун беше збогатен и со настапите на солистите, грчката сопранистка Мирто Папатанасиу и македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески.

„Среќен, задоволен и горд сум што мојата иницијатива за една многу човечка, нормална, природна комуникација со оркестар од нашето соседство беше толку срдечно прифатена со истата визионерска мисија од страна на директорот на Државниот оркестар од Солун, Симос Папанас, и неговиот тим што нè доведе до историска посета – Државниот оркестар од Солун да настапи овде. Тоа се претвори во прекрасна соработка меѓу Државниот симфониски оркестар од Солун и Македонската филхармонија и како што музиката прави мостови на пријателство и дружба, да се надеваме дека тоа ќе продолжи понатаму како еден прекрасен пример за тоа како треба да функционираат и соседите и воопшто сите народи во достигнување нови дострели. Да продолжиме да го правиме светот поубаво место за живеење…“, рече нашиот виртуоз на пијано Трпчески.

Тој, на концертот му се обрати и заблагодари и на Папанас, којшто беше во публиката, за прифаќањето на соработката и покажувањето пример како сите народи треба да функционираат.

„Посакувам и многу други културни и останати институции од двете земји да соработуваат вака“, истакна Трпчески кој по својот настап, на задоволство на публиката, беше вратен на бис.

Трпчески и гостите од Солун за прекрасниот концерт од македонската публика беа поздравени со долг аплауз.

Со Оркестарот диригираше реноминираниот грчки диригент Владимирос Симеонидис, кој пред крајот на настапот се заблагодари за нашето гостопримството и рече дека музиката навистина не познава граници.

Концертот е по повод чествувањето на 150 годишнината од раѓањето на Равел и 90 годишнината од смртта на солунскиот композитор Риадис, а програмата ги обедини репрезентативните дела на двата композитора. „Иако нивните имиња не се често поврзани, Риадис студирал кај Равел за време на неговото музичко оформување во Париз (1910-15), а нивната поврзаност нуди фасцинантен поглед во вкрстените струи на европскиот музички модернизам“, се посочува кон концертот.

На концертот присуствуваше и македонската претседателка Гордана Сиљановска- Давкова и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи. (Н.И.Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ