Историски температури во вообичаено студената северна Европа

54

Земјите од северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени подолги периоди, додека високите температури, продолжени и влошени од емисиите на јаглерод диоксид, продолжуваат да го погодуваат регионот.

Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрираа температури над 30 степени Целзиусови 13 дена во јули, додека Финска имаше три последователни недели со температури од 30 степени, пишува британскиот „Гардијан“.

Според научниците, ова е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година и трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.

„Топлинскиот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони имаа три недели температури над 25 степени и може да ги срушат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.

Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени биле регистрирани 12 дена во јули на најмалку една станица во три најсеверни норвешки окрузи.

Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повисоки 14 дена по ред.

Топлинскиот бран, кој ја погоди северна Европа кон средината на јули, беше предизвикан од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги зголемија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.

Поради интензивниот топлотен бран, лизгалиштето за мраз во северна Финска ги отвори своите врати за луѓето кои бараа засолниште од топлината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на угинување поради топлината.

ИЗДВОЕНИ