„Историски момент за демократите во Њујорк“: Кој е Зохран Мамдани?

45
EPA-EFE/YUKI IWAMURA / POOL

Поранешниот гувернер на американската држава Њујорк, Ендру Куомо, го призна поразот на прелиминарните избори меѓу демократите за градоначалник на Њујорк, од пратеникот во државниот парламент, Зохран Мамдани, кој, доколку биде избран, ќе биде првиот муслимански градоначалник и првиот градоначалник со индиско потекло што ќе го предводи најголемиот американски град, објави денеска Еј-Би-Си Њуз (ABC News).

Инаку, Ендру Куомо, кој поднесе оставка во 2021 година по обвинувањата за сексуално вознемирување, во обраќањето до поддржувачите рече дека „ќе ги погледне бројките и ќе донесе некои одлуки“, оставајќи ја отворена можноста да се кандидира како независен кандидат на ноемвриските избори.

На прелиминарните избори кај демократите за градоначалник на Њујорк, ниту еден кандидат не го достигна прагот од 50 проценти потребен за да биде прогласен за апсолутен победник.

Изборната комисија на градот Њујорк синоќа во 22:30 часот по локално време објави дека Мамдани води меѓу кандидатите кои гласачите ги рангираа на прво место на нивните гласачки ливчиња, со 44 проценти од гласовите, додека Куомо беше втор со околу 36 проценти од гласовите.

Зборувајќи пред поддржувачите кратко по полноќ, Мамдани рече дека со неговата победа е „запиша историја“.

-Вечерва испишавме историја. Јас ќе бидам вашиот демократски кандидат за градоначалник на Њујорк, рече Мамдани.

Мамдани е роден во главниот град на Уганда, Кампала, и се преселил во Њујорк на седумгодишна возраст, заедно со неговата мајка, режисерка, и неговиот татко, кој е професор на Универзитетот Колумбија. Тој има диплома по африкански студии од колеџот „Боудоин“ и зборува најмалку три јазици, вклучувајќи англиски, урду и шпански, кои ги користи за време на својата политичка кампања, која политичките стратези ја опишаа како „неверојатна“, објавува Би-Би-Си.

ИЗДВОЕНИ