Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески попладнево соопшти дека се направени првите трансакции преку СЕПА системот.
– Историски ден за нашата држава! Денес се направени првите трансакции преку СЕПА – системот што ја приближува Македонија кон европското платежно подрачје. До 6 пати пониски трошоци за граѓаните. До 8 пати пониски трошоци за компаниите – објави гувернерот Трајко Славески на платформата Х.
Од денеска практично во државава почна примената на истите правила за прекугранични плаќања во евра како и во земјите од Европската унија. Со приклучувањето кон СЕПА, прекуграничните плаќања во евра стануваат поевтини и побрзи како за граѓаните, така и за компаниите.
Апликацијата за приклучување кон СЕПА беше поднесена на 10 јули минатата година од страна на Народната банка, а на 6 март оваа година беше одобрена. Досега, девет банки веќе се приклучија кон СЕПА системот, а до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.