Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната пауза за воведување царини за повеќето земји по 9 јули, кога истекува неговиот рок за преговори, и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека трговските казни ќе стапат на сила доколку не се постигне договор.
Трамп изјави за Фокс њуз дека известувањата за воведување царини за земјите што нема да постигнат договор ќе почнат да се испраќаат „прилично брзо“ како што се приближува рокот за преговори, пренесува АП.
„Ќе видиме како земјата се однесува кон нас, дали се однесува добро или не толку добро кон нас. Некои земји не не интересираат, само ќе испратиме голем број писма“, рече Трамп.
Во тие писма, како што рече Трамп, ќе биде наведено – „честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Американски Држави, ќе плаќате царини од 25, или 35, или 50, или 10 проценти“.
Трамп истакна дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.
Зборувајќи за односот со Кина, Трамп го пофали неодамна постигнатиот трговски договор со Пекинг за извоз на ретки земни елементи од Кина и рече дека воспоставувањето пофер однос меѓу двете земји ќе бара значителни царини.
„Мислам дека добрата соработка со Кина е многу добра работа. Кина ќе плати многу царини, но имаме голем (трговски) дефицит, тие го разбираат тоа“, рече Трамп.
Тој додаде дека би бил отворен за укинување на санкциите за испораките на иранска нафта во Кина ако Иран може да покаже „дека може да биде мирен“ и ако покаже дека „нема да им нанесе поголема штета“ на Соединетите Американски Држави.