Истанбул е подготвен да ги прими претставниците на Украина и на Русија на мировните разговори најавени за денеска. Но, дали се подготвени и преговарачите е главното прашање што се поставуваше во текот на вчерашниот ден, спроти најавената средба.
Идејата да се седне на преговарачка маса е на рускиот претседател Владимир Путин, а украинскиот претседател, Володимир Зеленски, веднаш ја прифати. Но со тоа не се отвори патот за седнување на преговори. Зеленски рече дека ќе дојде во Истанбул само на разговори лице в лице со Путин, а Кремљ ја најави објавата на составот на делегацијата што ќе оди на мировните преговори за синоќа.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, е заинтересиран да присуствува на таа средба, но е на турнеја по арапските земји, па за Истанбул ги праќа државниот секретар, Мароко Рубио, и своите специјални пратеници, Кит Келог и Стив Виткоф. Трамп, ден пред најавената средба, изрази уверување дека би дошол Путин ако дојде и тој.
– Тој би сакал да бидам таму, и можно е тоа. Не знам дали ќе сака да дојде тој ако не дојдам јас. Ќе видиме – им изјави тој на новинарите додека леташе вчера за Катар.
Ако се одржи, денешната средба меѓу руските и украинските преговарачи во Истанбул би можела да претставува први директни разговори меѓу двете страни од првите недели од тоталната инвазија на Русија. Познавачите на состојбите немаат големи очекувања од неа. Иако Путин инсистира дека Москва „никогаш не одбила дијалог со украинската страна“, експертите и јавните личности предупредуваат дека неговиот обновен интерес за дипломатијата може да послужи повеќе за обликување на глобалните перцепции отколку искрена желба за завршување на војната. Аналитичарите го гледаат предложениот состанок како фаворизирање на Русија, при што Москва се чини дека се обидува да ги преобликува правилата според своите услови, нудејќи разговори откако Киев и неколку европски земји повикаа на целосно и безусловно примирје во траење од 30 дена, почнувајќи од понеделникот, на што Русија сè уште не одговорила.
Татјана Становаја, основач и директор на политичко-аналитичкиот проект „Р.Политик“, изјави дека договорот за директни разговори не треба погрешно да се толкува како промена во стратегијата на Москва или знак дека сака Путин да постигне договор со Зеленски.
– Неговата цел е да ги спречи испораките на западно оружје, да го искористи секое слабеење на позицијата на Зеленски и да ја влоши внатрешната нестабилност во Украина. Тој, исто така, сака Киев да ја укине забраната за преговори со Русите, што би овозможило поширока акција во Украина – напиша Становаја на мрежата „Икс“ и додаде дека Путин ниту за момент не верува дека Киев, во сегашната состојба, може да се согласи со руските услови.
Според поранешниот руски дипломат, Борис Бондарев, на Путин не му се потребни преговори со Зеленски, а војната не е првенствено против Украина, туку против САД, преку Украина. Тој смета дека се работи за борба против американската глобална доминација.
– Затоа Путин нема интерес да преговара со Зеленски. Она што навистина го сака е разговор со Трамп. Но, не каков било разговор, туку таков во кој Трамп ќе се согласи за нов светски поредок, со сфера на влијание на Путин приближно со големина на поранешниот Варшавски пакт – вели Бондарев.
Александар Баунов, виш соработник во Карнегиевата фондација за меѓународен мир, рече дека предлагајќи разговори без прекин на борбените дејства, руската војска ќе продолжи со офанзивата на фронтовските линии и ќе ги бомбардира украинските задни позиции, интензивирајќи го дипломатскиот притисок со воени средства.
Вчера, часови пред најавените преговори, украинските власти известија дека загинале најмалку четири цивили, а најмалку 26 се повредени во новите руски напади со 145 дронови на повеќе региони во Украина.