Надзорните извештаи покажуваат дека ќе има пролонгирање на роковите за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д, иако исплатите кон „Бехтел и Енка“ се одвиваат со забрзана динамика. Додека документите укажуваат на доцнење од најмалку една година, Владата тврди дека се движат проектите според планот и дека има интензивни активности на терен. Судирот меѓу бројките и политичките уверувања повторно ја отвора дилемата за ефикасноста и за контролата на еден од најскапите инфраструктурни зафати во земјава

Иако државата досега му исплатила речиси половина милијарда евра на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д, најновите извештаи покажуваат дека нема да бидат завршени проектите во првично најавените рокови. Според надзорниот извештај за прогресот на работите за ноември 2025 година, објавен од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), автопатиштата наместо во 2028 година, ќе бидат пуштени во сообраќај дури кон крајот на 2029 година.
Само во текот на 2025 година, Министерството за транспорт и врски во неколку наврати префрлило околу 100 милиони евра на сметката на „Бехтел и Енка“. Конкретно, годинава се исплатени 97,7 милиони евра, а, според плановите, до крајот на годинава треба да бидат исплатени вкупно 103 милиони. Во претходните години, динамиката на исплатите беше уште поинтензивна: во 2023 година, Владата предводена од СДСМ и ДУИ префрли 240 милиони евра, додека во 2024 година, новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН исплати дополнителни 66 милиони евра.
Со тоа, досега конзорциумот инкасирал околу 400 милиони евра, а со најавените средства за 2025 година, вкупната сума ќе надмине половина милијарда евра – за проект што, според официјалниот надзор, веќе доцни најмалку една година.
Договорот со „Бехтел и Енка“, вреден 1,3 милијарди евра, беше склучен во март 2023 година и предвидува изградба на четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри: Требеништа – Струга – Ќафасан (22 км), Гостивар – Букојчани (30 км), Тетово – Гостивар (17 км) и Прилеп – Битола (40 км). Според првичниот план, роковите за изградба се движеа од 33 до 57 месеци, во зависност од делницата, со крајна цел автопатиштата да бидат готови до 2028 година.
Меѓутоа, надзорниот извештај укажува дека не е почитувана оваа динамика, што повторно го отвора прашањето за односот меѓу темпото на исплатите и реалниот напредок на терен.

Од друга страна, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, уверува дека не се трошат средствата без покритие и дека интензивно се работи на Коридорот 8. Од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање за трошењето на парите од патарините, тој истакна дека веќе е почната изградбата на делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани откако биле решени клучните проблеми со експропријацијата и отстранувањето на објектите.
Министерот нагласи дека Владата работи паралелно и на други клучни инфраструктурни проекти: автопатот Кичево – Охрид, од кој 37 километри веќе се ставени во функција, експресниот пат Страцин – Крива Паланка како дел од источниот крак на Коридорот 8, како и патиштата Градско – Дреново и Дреново – Фариш. Според него, за делницата Скопје – Блаце и за продолжувањето на Коридорот 8 кон Бугарија, се чека согласност од Европската банка за обнова и развој, од каде што доаѓа финансирањето.
И покрај овие уверувања, бројките од надзорот отвораат дилема: како е можно да бидат исплатени стотици милиони евра, а роковите истовремено да се пролонгираат? Прашањето за контролата на трошоците и за одговорноста за доцнењето останува отворено, особено ако се има предвид дека станува збор за еден од најскапите инфраструктурни проекти во историјата на државата.
Додека Владата уверува дека ќе бидат завршени автопатиштата „во дадениот рок“, надзорните документи веќе говорат за нов, подолг временски хоризонт. За граѓаните, кои преку даноци и патарини го финансираат проектот, останува клучното прашање дали половина милијарда евра досега донесоа соодветен напредок или сметката за доцнењето допрва ќе стигне.
(С. Бл.)












