Во јули годинава, преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), му се исплатени 1.022.217.192 денари (16,5 милиони евра) на конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп –Битола).
Според извештајот од надзорот за прогрес на работите, во јули изведувачот продолжил да ги извршува работите, главно, за геотехнички истражни работи, проектирање и спецификации на автопат, проектирање експропријација, активности за истрага на неексплодирани убиствени средства, работи за привремено управување со сообраќајот, работи за мобилизација и градежни активности, главно, за земјени работи, дренажа и конструкции.
Има активности за делниците Тетово – Гостивар (18 километри), Гостивар – Букојчани (30 километри) и Прилеп – Битола (40 километри), додека за четвртата делница, Требеништа – Ќафасан (22 километра), треба да се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридското Езеро и на регионот.
Според извештајот, во тек се работите на пет моста, четири надвозници и на два подвозника. До крајот на јули годинава, извршени се ископувања на 3,2 милиони метри кубни земја и вградени се 706.500 метри кубни материјал за пополнување.
Во активностите, изведувачот. заклучно со јули. ангажирал 2.172 лица и 1.181 градежна машина.
Од почетокот на годинава, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и по една во мај од 681.026.665 денари и во јуни од 830.336.364 денари. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.
Активности на терен, согласно со договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра, се спроведуваат од 22 април 2023 година.