Заклучно со вчера исплатени се 552 милиони денари на сметките на граѓаните по основ на Мој ДДВ, а подготвени се налози за исплата на уште 370 милиони денари, информира денеска директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова.
Кај некои граѓани можно е да има застој во исплатата, но тоа, според Петрова, се должи на технички проблеми кои не зависат од УЈП, како што е на пример невалидна трансакциска сметка.
Во однос на повратот на ДДВ за компаниите, заклучно со вчера реализиран е поврат од скоро 500 милиони евра. Петрова вели дека тоа е контиуниран процес и дека налозите се изготвуваат за оние компании кои не се ризични, додека кај некои компании процесот трае подолго затоа што мора да се направат надворешни контроли.
– Околу половина од дополнително утврдените даноци што не биле правилно пресметани и правилно пријавени од страна на даночните обврзници се однесуваат за ДДВ. Кажав дека имаме околу 60 милиони евра дополнително утврдени даноци во периодот јануари – октомври, од нив околу половина се однесуваат на Данокот на додадена вредност што значи дека мораме да ги правиле даночните контроли бидејќи на тој начин штитиме од буџетот да не се исплатат неосновано пари, вели Петрова, додавајќи дека секоја контрола зависи од големината на компанијата и дека некогаш е потребно и проширување на контролата.
Во однос на реализацијата на планот кај даноците, Петрова вели дека за периодот јануари-октомври имаат успешна реализација од околу 99 проценти кај данокот на додадена вредност и околу 95 проценти кај данокот на добивка. Кај данокот на личен доход, каде има помала реализацијата во однос на планираното, Петрова вели дека имаат многу активности што се во тек, а со кои очекува да се подобри реализацијата и во овој дел.












