Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) официјално стана членка на CFE Tax Advisers Europe, најпрестижната европска организација што ги обединува националните здруженија на даночни советници и сметководствени професионалци. Со ова, ИСОС е единствената професионална организација на сметководителите од регионот на Западен Балкан што е дел од оваа европска мрежа.

– Зачленувањето на ИСОС во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и кредибилитетот на сметководствената и даночната професија од нашата земја во Европа. Ова ќе им овозможи на нашите членови пристап до најновите знаења, европски практики и можности за професионален развој. Веруваме дека ова партнерство ќе ја унапреди работата на македонските сметководители и ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во меѓународни рамки. Истовремено, ова е уште една активност што треба да придонесе за зголемување на атрактивноста на нашата професија кај младите од нашата земја, што е една од основните цели на Институтот – изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар Ивановски, истакна дека членството ќе придонесе за подобрување на регионалната и на европската соработка во областа на даноците и на сметководството.

– На членовите на ИСОС им се отвораат можности да учествуваат во специјализирани програми за обука, конференции и професионални мрежи, но и да влијаат врз креирањето на европската регулатива и стандардите, кои директно ја засегаат нивната работа и работата на нивните клиенти и на бизнис-секторот во целина – рече Ивановски.

CFE Tax Advisers Europe е основана во 1959 година, со седиште во Брисел, Белгија. Таа е чадор организација што ги претставува интересите на даночните советници и сметководствени професионалци пред институциите на ЕУ и меѓународните организации.

ИЗДВОЕНИ