Искршена стаклената врата на бугарската амбасада во Скопје: Остра реакција од бугарското МНР

63
Foto: Printscreen/YouTube

Непознато лице во неделата на 11 јануари фрлило непознат предмет кон зградата на амбасадата на Бугарија, која се наоѓа во центарот на Скопје, и ја искршило влезната врата. Тоа го покажуваат фотографиите што ги објави министерството за надворешни работи на Бугарија проследени со остра реакција, нарекувајќи го овој чин како напад на самата држава Бугарија.

Во соопштението на Софија се вели:

„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува овој чин врз зградата на бугарската надворешна мисија во Македонија – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија.

Ова е неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост што ваковиот чин е резултат на систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните институции на Република Северна Македонија на претходните напади и акти на вандализам врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.

Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнат говор на омраза против Бугарија и Бугарите кај нашиот сосед, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат“.

Понатаму се додава дека Софија очекува надлежните македонски власти да го идентификуваат сторителот и да го изведата пред лицето на правдата, како и да ја гарантираат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и нивниот имот.

„Република Бугарија очекува институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивстават на ваквите злосторства, целно да работат на создавање фундаментално поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнат своите меѓународни обврски.

Министерството за надворешни работи ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и го задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси“.

Од македонското МНР нема реакција на овој инцидент ниту пак соопштение од полицијата што се случило.

ИЗДВОЕНИ