Заглавени во владина процедура, ваква е состојбата за околу 14 закони што пред повеќе месеци се доставени од Министерството за правда на разгледување и натамошно проследување до македонското Собрание. Ваквото сознание излезе минатата недела откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на партискиот Извршен комитет, Антонијо Милошоски, го обвини актуелниот министер за правда, Игор Филков од редовите на ЗНАМ, за „ниски перформанси“ кога се работи за носењето реформски закони потребни на државата. На ова и на ставот на Милошоски дека Филков не треба да биде министер за правда, одговорија од ЗНАМ, чиј партиски потпретседател, Павле Арсоски, наброја цела низа изготвени закони што се веќе доставени во владина процедура за натамошно усвојување.
– Министерството за правда во овие 18 месеци подготви 28 закони, што се нема случено во поновата историја на Македонија и е нешто што треба да се респектира. Законите се подготвени. Некои се во измени и дополнување, некои се комплетно нови закони – изјави Арсоски во петокот.
Од списокот што на увид на јавноста го ставија од ЗНАМ се гледа дека најголемиот број од законите што чекаат на натамошно пуштање во процедура се од областа на правосудството. Така, на пример, од јуни годинава во владините фиоки се наоѓаат законските измени во Законот за плати на јавните обвинители, новиот предлог-закон за судска служба, новиот предлог-закон за јавнообвинителска служба, законот за плати на членовите на Судскиот совет, законот за плати на членовите на Советот на јавни обвинители. Причините за нивното долго чекање, извесно, треба да се бараат во ставот на премиерот Христијан Мицкоски, повеќепати експониран во јавноста, дека судиите и обвинителите не заслужуваат толкави плати со така низок рејтинг од само 2 отсто.
Со тоа, станува неизвесно каква судбина ќе имаат овие предложени закони и колку уште ќе мора да чекаат додека да бидат испратени до Собранието. Но, проблем не се само тие. Владата уште пред повеќе месеци ги добила финалните предлози на законот за спречување корупција и судир на интереси, законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачите, законот за парнична постапка, измени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, законот за процена и законот за вештачење. И за сите нив е неизвесно кога ќе бидат проследени до пратениците во македонскиот Парламент за да бидат изгласани за да ги подобрат состојбите во областите што ги регулираат.
Но, се чини, најголемиот проблем што може да се случи сега е врзан со доцнењето на новиот кривичен законик, кој сè уште не се испраќа од владината зграда кон македонското Собрание. А проблемот што може да настане е врзан со ставот на Уставниот суд, кој неодамна предупреди дека доколку до крајот на годинава не се уреди членот 353 и биде изгласан во Парламентот, ќе го укине тој член, по што ќе настане правна празнина и неказнивост на кривичните дела поврзани со злоупотребата на службената должност. Се работи за членот што го измени претходната Влада и со чие ублажување се предизвика намалување на казните и ослободување од гонење на бројни сторители на такви кривични дела.
– Ако Собранието до последната седница во декември не ги направи неопходните измени, Уставниот суд ќе го стави предметот на дневен ред и ќе одлучи – предупреди неодамна Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.
Во случај да се донесе одлука за укинување на овој член, тоа ќе значи дека сите пресуди врз основа на тие одредби ќе престанат да важат, а предметите ќе бидат поништени или повторно ќе бидат поведени.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 4 ноември, на брифинг со новинарите, изјави дека е отворена вратата за измени, но дека засега нема предлог од Владата.
На усвојување чекаат и измените во Изборниот законик или, пак, носењето целосно нов законик. Измените, како што соопштија од ЗНАМ, биле направени уште во јуни годинава, при што биле вградени препораките на мисијата ОДИХР за да се отстранат појавените слабости во изборниот процес. Но, премиерот Мицкоски неодамна изјави дека ќе бидат ставени тие измени на маса откако ќе завршат дополнителните избори за градоначалници во четири општини, закажани за 12 јануари. А тоа, извесно, ќе значи ново одложување на носењето на овој важен закон.
Во Собранието, минатата недела, новиот предлог-законот за Судскиот совет едногласно ја помина првата собраниска проверка. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, заедно со Законодавно-правната комисија, го усвои предлогот, оценувајќи го како клучен чекор кон суштинска реформа во судскиот систем. При ова, предложеното законско решение, кое чека на усвојување од јуни годинава, доби поддршка и од опозицијата. (Б. Ѓ.)
Филков за ВЕЧЕР: Зошто носењето квалитетни закони би му предизвикало нервоза некому, јас не би можел да ви кажам
Потребата од нови и квалитетни законски решенија произлегува од општата состојба во која се наоѓа државата веќе подолго време. Секако, и од роковите што беа дадени во реформската агенда, изјави вчера министерот за правда, Игор Филов, за весникот ВЕЧЕР.
– Целта на Министерството за правда е низ еден крајно транспарентен, јавен и сеопфатен пристап во начинот на донесување на истите, да се дојде до најдобрите можни предлог-текстови, во интерес на граѓаните на Македонија. Потврда за квалитетот на сработеното пристигна и од Венецијанската комисија. Зошто би му предизвикало истото нервоза некому, јас не би можел да ви кажам – потенцира Филков.
За премиерот, односите со ЗНАМ се одлични
Односите со движењето ЗНАМ – За Наша Македонија се одлични, одговори вчера премиерот Христијан Мицкоски на прашањето за односите со коалицискиот партнер во Владата.
– Добри се односите, одлични се. Во рамките на Владата функционираме, би рекол, стабилно и очекувам така да продолжиме и во иднина – оцени премиерот.
На прашањето за ставот на Антонијо Милошоски, кој изјави дека кога би бил мандатар, Филков не би бил министер за правда, Мицкоски рече: „Добро, кога ќе биде Милошоски премиер, ќе ви даде одговор“.












