Исак Хаџар е главната тема во спортските медиуми по викендот во Холандија. Дојде до својот прв подиум во кариерата во Формула 1, заврши трет, зад Оскар Пјастри и Макс Верстапен. Младиот возач на Рејсинг Булс покажа свежина каква што ретко ја гледаме кај дебитант.

Во квалификациите, Хаџар го освои четвртото место, веднаш зад двоецот од Мекларен, Пјастри и Ландо Норис, како и зад Верстапен. Потоа ја задржа својата позиција на патеката, иако ги издржа нападите од Шарл Леклер и Џорџ Расел.

Судбината му се насмевна кога Ландо Норис мораше да се откаже поради дефект на болидот. Хаџар ја искористи можноста и го зграпчи првиот подиум во кариерата. Сепак, патот до овој успех беше сè друго освен лесен.

Имено, Хаџар доживеа тежок момент во Австралија, на својата деби трка. За време на формацискиот круг, тој заврши во ѕидот, што изгледаше како најлошиот можен почеток на неговата кариера во Ф1.

  • Мислам, знаете, по она што се случи во Австралија, во болидот, искрено, мислев дека мојот живот е завршен, даде искрена изјава младиот Хаџар.

Сепак, брзо научил важна лекција во животот.

  • Но, потоа сфаќаш дека тоа може да се случи и дека можеш многу брзо да се вратиш од тоа. А потоа да се искачиш на подиумот без некое големо чудо и без премногу да се гледа напред. Не го очекував ова, особено не толку рано во сезоната, посочи Французинот.

Тој нагласи дека дури и четвртото место би било огромно достигнување.

  • Дури и завршувањето на четвртото место со чиста брзина би бил огромен, огромен резултат. Но, завршувањето на третото место е едноставно, се чувствувам толку среќен, додава возачот на Рејсинг.

Покрај тоа што го покажа својот талент, Хаџар се етаблираше и како сериозен кандидат за тимот на Ред Бул следната година. Одлуката за идниот тимски колега на Верстапен се очекува до крајот на октомври.

Формата на Јуки Цунода, кој доби шанса по заминувањето на Лиам Лосон, продолжува да биде далеку под очекувањата, а тоа би можело да му ја отвори вратата на Хаџар.

ИЗДВОЕНИ