Исконска традиција на џоломари, изложба на фотографии посветена на џоломарството во кавадаречко, е отворена во Музеј галерија Кавадарци. Автор на изложбата е виш кустос, Томе Крстевски. Тој пред присутните рече дека значаен сегмент кај духовната култура на Македонците, но и пошироко на Балканот заземаат обредите со маски.

Крстевски појани дека во нашата традиција обредите со маски се практикуваат главно во зимскиот период односно зимскиот обреден циклус, преминот од старата во новата година, преминот кон летниот циклус.

Притоа додаде дека целата модерна и постмодерна култура, е крајно интересна за проучување од аспект на изведување на традиционалните обичаи во модерен контекст.

Тој рече дека, како и кај другите народи, така и кај македонскиот народ, суштината на овие обичаи е сврзана за унапредување на вегетацијата и на плодноста. Патем сподели дека во овие обичаи богато е застапена магијата на плодност со чија помош се стремело кон постигнување на општа благосостојба и богатство на храна.

Тој подвлече дека во маскирањето може да се согледаат голем број драмски елементи пропратени со театралности и преоблекување. Притоа се задржа главно на зимските обредни игри во текот на празникот Василица, Новата година според стариот календар.

Покровители на изложбата се градоначалникот и Совет на Општина Кавадарци, а организатор, Локален Музеј галерија. Главен и одговорен уредник, Јаким Зимоски, инаку директор на културната установа, рече дека настанот претставува силна врска меѓу традицијата, културното наследство и современиот културен живот на градот. Притоа потсети дека оваа изложба е трет по ред настан организиран во рамки на богатата програма за 2026 година. Зимоски подвлече дека Музеј галеријата годинава слави педесет години од постоењето на институцијата, со педесет настани.

Фотографиите во рамките на изложбата се на Томе Крстевски и Тони Коцев.

На отварањето на изложбата беше прикажан и краток филм за џоломарството. Изложени се и џоломарски реквизити.

ИЗДВОЕНИ