Кошаркарите на МЗТ Скопје сосема очекувано забележаа победа против Подгорица Бемакс со 67:54 во рамките на 7. коло од АБА2 лигата. Избраниците на Васко Атанасов доминираа во поголемиот дел од мечот во СЦ „Јане Сандански“, со што направија чекор напред кон пласман во плејофот.
Прво име во победничкиот табор беше Душан Танасковиќ, кој оствари моќен дабл-дабл учинок од 14 поени и 13 скокови, додека капитенот Војдан Стојановски запиша 13 поени и 6 асистенции.
- Исклучително важна победа за нас во меч кој едноставно моравме да го добиеме. Одигравме добро во одбраната, барем до последните шест минути. На крајот најважен е резултатот. Продолжуваме понатаму, изјави тренерот на МЗТ, Васко Атанасов.
Сега, МЗТ Скопје има четири победи и три порази, а му преостанува уште само еден меч до крајот на регуларниот дел од сезоната, и тоа тешкото гостување кај лидерот Широки Бријег. Нашиот шампион ќе мора да слави доколку не сака други тимови да решаваат за местото кое води во плејофот.











