Искачувањето на Пелистер стана побрзо и побезбедно

20

Ново челично јаже со вкупна должина од 90 метри е поставено на планината Пелистер, на патеката Камењар (Rocks trail). Од Националниот парк „Пелистер“ информираат дека новото челично јаже е поставено на повеќе секции на патеката на потегот Видиковец (2.000 метри надморска височина) – Врв Стив (2.468 метри надморска височина).

– Со поставувањето на челичното јаже, во голема мера се зголемува безбедноста и брзината на движење на планинарите – нагласуваат од Националниот парк „Пелистер“.

Патеката Камењар е една од најубавите и најживописни планински патеки во Македонија. Стартна точка на оваа патека е паркингот пред хотелот „Молика“ (1.430 метри надморска височина) од каде патеката води до Копанки, а понатаму по североисточниот и северниот раб на Баба планина преку Врв Стив и Врв Илинден (2.540 метри надморска височина), се стигнува до Врв Пелистер (2.601 метар надморска височина).

По Видиковец во зоната над 2.000 метри надморска височина, во текот на движењето по оваа патека има еден од најубавите погледи на околината. На југ и на запад се гледаат Преспанското Езеро и делови на соседна Грција (сè до Олимп) и Албанија, на север Солунска Глава, и на исток кога има добри временски услови, погледот зад врвот Кајмакчалан допира сè до Рила и Пирин во соседна Бугарија.

Патеката е со вкупна должина од 8 километри, а се совладува висина од 1.210 метри.

ИЗДВОЕНИ