Јоргани, јамболии, теписи…фрлени на улица

267

Екипите од Секторот за месни заедници при Општина Кисела Вода изминативе денови интензивно работеле на расчистување на мини депониите на територијата на општината на кои генерално имало оставено кабаст отпад и шут.

– Правилното складирање и управување со отпадот е од клучно значење за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните. Несоодветното одложување на кабастиот отпад доведува до загадување и создавање на диви депонии, кои дополнително го загрозуваат квалитетот на воздухот, почвата и водите – соопштија од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски апелира до сите граѓани доколку имаат потреба од одлагање на кабаст отпад, тоа да го направат во соработка со службите на општината, односно да го контактираат Секторот за месни заедници, со што ќе се спречи дополнително создавање на мини депонии и загадување на животната средина, што, пак, е казниво со Закон.

Тој додаде дека како општина, неколку пати во текот на годината спроведуваат акции за бесплатно одлагање на кабастиот отпад и за сите следни активности, граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Последната акција за бесплатно собирање на кабаст отпад, заврши во месец април.

– Само со заеднички напори и соработка можеме да ја зачуваме нашата општина уредна и еколошки одговорна – посочуваат од Општина Кисела Вода.

ИЗДВОЕНИ