Згодната македонска водителка и ТВ-новинарка, Ирена Спировска, не престанува да ја одушевува нацијата. Дека внимава на својот физички изглед, е повеќе од очигледно и видливо. Најмногу внимава на тоа што јаде, а за доброто расположение, кое ѝ влијае на одличното ментално здравје, внимава на изборот на луѓето со кои другарува во приватниот живот. Можеби нема да поверувате, но Ирена Спировска гордо зачекори во шестата деценија од животот.Сексапилната водителка деновиве, во Грција на море, го прослави својот 51. роденден! Журката се случи на островот Скијатос, и тоа исклучиво во женско друштво. Мажите овој пат изостанаа, па Ирена и нејзините блиски пријателки велат дека решиле така, без двоумење, без каење да ги остават мажите дома. Умеат да се забавуваат и без нив, на свој специфичен женски начин. И, секако, да го прослават роденденот на Ирена до зори. А, на самата прослава кај Ирена имаше речиси сè, дури и од “пиле млеко“. Најмногу добра музика, шлагерски песни што милуваат и ја лекуваат душата, сето тоа збогатено со волшебна атмосфера покрај морето и брановите.
– Тоа беше незаборавна роденденска ноќ. Останува да ме греат спомените во студените зимски денови. Со вештите жени вешто се опуштивме и уште повешто се забавувавме. Нека ни простат мажите, но овој пат не ги планиравме во нашето избрано женско друштво – раскажа веселата Ирена, „жена за сва времена“ како што милозвучно ја опишаа неодамна нејзините колешки од соседна Србија. А, нашата Македонка Ирена ќе ја видиме вредна и вешта и во текот на летото, како водителка на „Лешочкиот фестивал“ во Тетово, но и на „Охридски трубадури“. (Д. М.)