Повеќе од 400 лица се убиени во израелските напади во Иран откако Израел започна голема воена офанзива на 13 јуни, изјави портпаролот на иранското Министерство за здравство.
Хосеин Керманпур напиша на платформата X дека 3.056 лица се повредени во нападите. Тој додаде дека меѓу загинатите има 54 жени и деца и пет здравствени работници, нагласувајќи дека „повеќето од жртвите и ранетите се цивили“.
Ова е првото официјално ажурирање за бројот на жртви од 15 јуни, кога властите објавија 224 убиени и повеќе од 1.200 повредени лица.
Порано, новинската агенција Нур објави дека најмалку 430 лица се убиени и 3.500 повредени во Иран откако започна конфликтот на 13 јуни, повикувајќи се и на податоци од Министерството за здравство.