Двајца високи ирански свештеници издадоа религиозен декрет, или фатва, со кој се повикува на атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Фатвата наводно е поддржана од десетина други свештеници, а исто така предизвика и онлајн кампања за собирање средства, објави Иран Интернешнл.
Десет државни свештеници објавија отворено писмо во понеделник нарекувајќи ги Трамп и Нетанјаху „невернички борци“. Терминот во исламското право се однесува на неверник кој е во војна со муслиманите и кој, според религиозниот закон, заслужува смрт.
Зборувајќи на азербејџански јазик, друг државен свештеник од иранската покраина Западен Азербејџан објави награда од 100 милијарди томани (околу 970.000 евра) за секој што ќе го убие Трамп. „Ќе дадеме 100 милијарди томани на секој што ќе ја донесе главата на Трамп“, рече Мансур Емами, покраински директор на официјалната организација за исламска пропаганда во Западен Азербејџан.
Награда од 40 милиони долари за атентатот врз Трамп
Иранската веб-страница thaar.ir наводно започнала јавна кампања за собирање средства за атентат врз Трамп. Веб-страницата неодамна објави дека се собрани повеќе од 40 милиони долари, иако автентичноста на износот не е потврдена.
Во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон, емитувано во понеделник, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја дистанцира иранската влада од овие религиозни декрети. Тој нагласи дека декретите не биле насочени кон ниедно конкретно лице.
„Колку што знам, немало фетви или декрети издадени против кое било лице, вклучително и Доналд Трамп. Ова нема никаква врска со иранската влада или со Врховниот лидер на Иран“, рече Пезешкијан.