Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на изградба на нов главен град на југот од земјата, имајќи предвид дека сегашниот главен град, Техеран, стана „неодржлив“ поради загадувањето, густиот сообраќај и недостатокот на вода.
Пезешкијан најмалку три пати ја иницираше „обврската“ за изградба на нов административен главен град со цел да се ублажи „неодржливоста“ на Техеран, објави денес агенцијата Ефе, пренесува Гардијан.
Тој разговараше и за ова прашање со врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
„Денес нема простор за избор. Принудени сме да го сториме тоа. Животот во Техеран ќе стане неодржлив“, рече иранскиот претседател за време на посетата на пристанишниот град Бендер Абас во Персискиот Залив.
Пезешкијан го спомена слегнувањето на земјиштето како проблем со кој се соочува главниот град, односно постепеното пропаѓање на почвата поради прекумерната експлоатација на водоносни слоеви, кое во некои области достигнува 30 сантиметри, како и недостигот на водни ресурси во градот кој троши четвртина од водата во земјата.
Сместен во подножјето на планините, Техеран е политички, административен и економски центар на Иран откако е прогласен за главен град во 1786 година.
Последниот попис, спроведен во 2015 година, покажа население од 12 милиони, но сега се проценува дека е околу 18 милиони.
Пезешкијан го посочи Персискиот Залив како најдобро место за преместување на главниот град бидејќи, како што вели, „овозможува директен пристап до отворени води и развој на трговски и економски односи“.
Сепак, неговиот план наиде на значителни критики, како што самиот призна.
Критичарите ја посочуваат цената на изградбата на новиот град, која иранските медиуми ја проценуваат на околу 80 милијарди долари, како пречка со оглед на економската криза и фактот дека Иран неодамна беше санкциониран од ОН поради неговата нуклеарна програма.