Иран е подготвен да направи „сè што е потребно“ за да постигне нуклеарен договор со Соединетите Американски Држави, изјави вчера иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Маџид Тахт-Раванчи, пред новата рунда разговори што се очекува подоцна оваа недела.
„Сакаме да направиме сè што е потребно за да се случи тоа. Ќе влеземе во преговарачката сала во Женева со искреност и добра волја. Доколку има политичка волја од сите страни, верувам дека може да се постигне договор што е можно поскоро“, изјави Раванчи за иранските медиуми, објави Си-Ен-Ен.
САД и Иран досега одржаа две рунди индиректни разговори во Оман и Швајцарија, а третата рунда е закажана за четврток во Женева.
Иранскиот функционер предупреди дека евентуалниот американски напад врз Иран би претставувал „големо коцкање“ и би имал последици за целиот регион, нагласувајќи дека Техеран ќе одговори во согласност со своите одбранбени планови.
Зборувајќи за можно проширување на темите на преговорите, вклучително и програмата за балистички ракети на Иран, Раванчи нагласи дека „единствената тема“ на претстојните разговори е нуклеарното прашање.












