Осумстотини егзекуции што требаше да се извршат во Иран се откажани откако американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди властите во Техеран да не убиваат демонстранти, објави Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција изјави дека Трамп во четвсртокот бил информиран дека „800 егзекуции што беа закажани и требаше да се извршат вчера се откажани“, објави Си-Ен-Ен.
Таа додаде дека Трамп внимателно ја следи ситуацијата на терен во Иран.
Ливит наведе дека Трамп и неговиот тим го предупредиле Техеран дека ќе има „тешки последици ако продолжат убиствата поврзани со владината репресија“.
Трамп изјави дека му било кажано дека убиствата во иранското задушување на протестите низ целата земја се намалуваат и дека верува дека нема моментален план за масовни егзекуции, дури и кога тензиите меѓу Техеран и Вашингтон остануваат високи.
„Би биле многу загрижени ако егзекуциите продолжат“, рече Трамп.
Тој не ја исклучи можноста за воена акција на САД, велејќи дека ќе „следи како се одвива процесот“, истакнувајќи дека американската администрација добила „многу охрабрувачка порака“ од Иран.
Протестите во Иран започнаа на 28 декември 2025 година, поради девалвацијата на локалната валута, иранскиот риал, а на 8 јануари, по повикот на Реза Пахлави, синот на иранскиот шах кој беше соборен во 1979 година, протестните маршеви се интензивираа низ целата земја.
Истиот ден, интернетот беше исклучен, а во неколку ирански градови протестите се претворија во судири со полицијата и беа придружени со скандирања против иранскиот политички систем. Иранските власти, обвинувајќи ги САД и Израел за организирање на немирите, на 12 јануари објавија дека ситуацијата е под контрола.












