Иран: Нема да се откажеме од програмата за збогатување ураниум

12

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Маџид Тахтраванчи денеска изјави дека не може да има преговори помеѓу Иран и САД, ако Вашингтон инсистира Техеран да го намали збогатувањето на ураниум.

Неговата изјава уследи откако специјалниот американски пратеник Сив Виткоф вчера повтори дека секој нов договор помеѓу САД и Иран мора да вклучува договор за незбогатување на ураниум за да се спречи развој на нуклеарни бомби.

Нашиот став за збогатувањето е јасен и постојано изјавуваме дека тоа е национално достигнување од кое нема да се откажеме, посочи Тахтраванчи.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на минатонеделната посета на земјите од Персиски Залив, наведе дека САД и Иран се многу блиску до договор, но оти Техеран мора брзо да дејствува.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби, доколку се збогати до 90 отсто.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.

ИЗДВОЕНИ