Иран гори, брутални протести ја тресат земјата – Техеран во „дигитална темнина“/ВИДЕО

401
screenshot X

Иранските власти денес го ограничија пристапот до интернет во Техеран и во некои други региони, на 12-тиот ден од масовните протести против владата, објави Си-Би-Ес њуз, повикувајќи се на извори во Техеран.

Два извори потврдија дека интернетот во главниот град е прекинат, додека организацијата NetBlocks, која ја следи достапноста на мрежата, изјави дека нејзините податоци покажуваат дека Техеран и другите делови од Иран влегуваат во „дигитална темнина“, со прекин на поврзувањето кај повеќе провајдери.

Масовни антивладини протести се одржуваат низ Иран вечерва, вклучително и во главниот град Техеран. Ова е 12-та ноќ по ред како демонстрантите излегуваат на улиците, во бран немири поттикнати од тешката економска криза.

Извор на CBS News изјави дека на улиците на Техеран имало „огромни, невидени толпи луѓе“, додавајќи дека повеќето граѓани немаат пристап до интернет, додека помал број корисници со постабилни деловни сметки сè уште можеле да се поврзат.

Групата за следење на интернет NetBlocks објави „национален прекин на интернетот“. Протестите ги свика Реза Пахлави, протераниот син на последниот шах на Иран.

Големи толпи беа забележани во неколку градови, вклучително и во области каде што претходно немало немири. Иранските безбедносни сили беа вклучени во насилни судири со демонстрантите во последните денови, при што најмалку 38 лица беа убиени, според независни монитори.

Доналд Трамп денеска ја повтори заканата дека САД ќе го нападнат Иран ако властите почнат да убиваат демонстранти.

Иранските власти честопати прибегнуваат кон ограничување или исклучување на интернетот пред или за време на големи протести и други настани што ги сметаат за дестабилизирачки. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој се претстави како реформист пред изборите во 2024 година, навести либерализација на пристапот до интернет, но тој останува строго контролиран. Социјалните медиуми како TikTok, Facebook и X-net се официјално забранети, како и пристапот до американски и европски новински страници.

Иран е зафатен од масовни протести повеќе од една недела што започнаа кон крајот на декември поради тешка економска криза, девалвација на валутата, инфлација и општа сиромаштија. Протестите брзо се проширија во десетици градови низ земјата, вклучувајќи ги Техеран, Исфахан и курдските региони на запад.

ИЗДВОЕНИ