Иран е подготвен да прифати контрола врз својата нуклеарна програма и ограничувања за збогатување на ураниум во замена за укинување на меѓународните санкции, изјави денес иранскиот министер за надворешни работи во колумна објавена во британскиот весник „Гардијан“.
„Иран е подготвен да склучи реалистичен и траен договор што предвидува ригорозен мониторинг и ограничувања за збогатување во замена за укинување на санкциите“, напиша иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во колумна упатена до Франција, Велика Британија и Германија, обединети во рамките на таканаречената група Е3.
„Неуспехот да се искористи оваа можност може да има катастрофални последици од невидено ниво за регионот и пошироко“, додаде Арагчи.
Кон крајот на август, групата Е3 започна механизам во ОН за повторно воведување санкции против Иран, во согласност со меѓународниот договор за контрола на нуклеарната програма на Иран, потпишан во јули 2015 година.
На Техеран му беше даден еден месец да преговара за својата нуклеарна програма и да избегне повторно воведување на санкциите.
Неодамна, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, се сретна со Арагчи во Доха, каде што разговараа за „пристапот на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија до иранските нуклеарни постројки и судбината на залихите на високо збогатен ураниум на Иран“.
Спогодбата од 2015 година, потпишана од Е3, САД, Кина, Русија и Иран, предвидуваше ограничувања на нуклеарните активности на Техеран.
Сепак, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции врз Иран. Потоа Техеран се откажа од одредени обврски, особено за збогатување на ураниум.
Западните земји се сомневаат дека Иран се обидува да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран го негира ова и го брани своето право да развива цивилна нуклеарна програма, објави „Бета“.