Иран е подготвен да направи „сè што е потребно“ за да постигне нуклеарен договор со Соединетите Американски Држави, изјави денес иранскиот заменик-министер за надворешни работи Маџид Тахт-Раванчи, пред очекуваното продолжување на разговорите меѓу двете земји подоцна оваа недела.
„Сакаме да направиме сè што е потребно за да се случи тоа. Ќе влеземе во преговарачката сала во Женева со сета искреност и добра волја. Доколку има политичка волја од сите страни, верувам дека може да се постигне договор што е можно поскоро“, изјави Раванчи за иранските медиуми, објави „Си-ен-ен“.
САД и Иран одржаа две рунди индиректни разговори во Оман и Швајцарија, а третата рунда се очекува во Женева во четврток.
Иранскиот функционер рече дека секој напад на САД врз Иран би бил „голем ризик“ и би влијаел на целиот регион и повтори дека неговата земја ќе одговори „во согласност со своите одбранбени планови“.
На прашањето дали на разговорите ќе се дискутира за балистичката ракетна програма на Иран или за некои други прашања, Раванчи рече дека „единствената тема“ на претстојните разговори ќе биде „нуклеарното прашање“.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, треба да информира група конгресмени за преговорите со Иран денес попладне, неколку часа пред обраќањето за состојбата на нацијата на претседателот Доналд Трамп.












