Иранските власти денес побараа од ОН да ги признае Израел и САД како одговорни за 12-дневната војна против Иран, која заврши на 24 јуни со прекин на огнот, пренесуваат агенциите.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, го упати барањето во писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Официјално бараме Советот за безбедност на ОН да го признае израелскиот режим и САД како иницијатори на актот на агресија и да ја признае нивната одговорност, вклучително и исплата на компензација и репарации“, се наведува во писмото.
Иранските власти изразија сомнежи во намерите на Израел да продолжи да го почитува прекинот на огнот што стапи на сила на 24 јуни по 12 дена војна меѓу двете непријателски земји.
Израел започна непријателства на 13 јуни со напади врз Иран во кои загинаа високи ирански воени функционери и научници поврзани со нуклеарната програма на Иран.
Израел вели дека дејствувал за да го спречи Иран да се здобие со атомска бомба, амбиција што жестоко ја негира иранската влада, која сепак тврди дека има право на цивилна нуклеарна енергија, особено за производство на електрична енергија.
Израелскиот напад се случи додека Иран преговараше со САД, сојузник на Израел, за ова прашање.
„Ние не ја започнавме војната, но одговоривме на агресорот со сета наша моќ“, изјави денес началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал Абдолрахим Мусави.
По 12 дена бомбардирање, во вторник стапи на сила прекин на огнот меѓу Иран и Израел.
„Имаме сериозни сомнежи за почитувањето на прекинот на огнот од страна на Израел и сме подготвени за силен одговор“, рече Мусави во телефонски разговор со саудискиот министер за одбрана, принцот Халед бин Салман.
САД, кои се придружија на израелската офанзива, бомбардираа три нуклеарни објекти во Иран во текот на ноќта меѓу 21 и 22 јуни.