Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) му забрани на украинскиот репрезентативец во скелетон, Владислав Хераскевич, да носи кацига со фотографии од своите сонародници убиени во текот на руската инвазија врз Украина и откако не го почитуваше тоа, доби забрана за настап на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

Тој ја носеше контроверзната кацига во текот на тренингот во понеделникот, привлекувајќи големо внимание во јавноста. На фотографиите се прикажани украинската кревачка на тегови Алина Перехудова, боксерот Павло Ишченко, хокеарот Олексиј Логинов, стрелецот Олексиј Хабаров, танчарката Дарија Курдел, атлетичарот Иван Кононенко и скокачката во вода Микита Козубенко.

Поради непочитување на правилата, Меѓународниот олимписки комитет му забрани на украинскиот атлетичар да учествува на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, што е официјално потврдено.

Иако од ИОК му дозволија да носи само црна лента околу раката, Хераскевич, очигледно, одбил и доби суспензија од Игрите.

Тој е натпреварувач во скелетон чиј шлем на кој се прикажани некои од загинатите Украинци привлече големо внимание. Беше оценето дека е спротивно тоа на правилата и на Олимписката повелба. Тој го носеше на тренинг, но официјалната програма не му дозволуваше да го стори тоа, па ИОК објасни дека ако не го симне, нема да може да се натпреварува. И така беше на крајот.

Го разгледуваме ова прашање од самиот почеток и ИОК целосно ја разбира желбата на спортистите да се сетат на оние што ги загубиле своите животи во овој и во други конфликти низ целиот свет. Треба да се фокусираме на спортските перформанси и на спортот воопшто и од суштинско значење е да има еднакви права за сите спортисти и натпреварите да останат ослободени од какво било влијание. Она што го кажавме е дека оваа кацига не е во согласност со упатствата. Сепак, ќе му дозволиме да носи црна лента на ракавот, во текот на натпреварот. Тој се огласи на социјалните мрежи, но веруваме дека е ова добар компромис – рече портпаролот на ИОК, Марк Адамс.

Олимписката повелба наведува дека не е дозволена никаква политичка, религиозна или расна пропаганда на олимписките борилишта.

Хераскевич, патем, го носеше украинското знаме на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри и рече дека ќе го искористи ова натпреварување за да ја потсети светската јавност на сè што се случува во Украина.

ИЗДВОЕНИ